| четврток, 6 декември 2018 |

Љутков: Оставката е поради презафатеност

Тој во моментов во Драмски театар е дел од екипата која ја подготвува претставата „Живот во тесни чевлички“ на Душан Ковачевиќ

ljutkov

Актерот Зоран Љутков оставката уметнички директор во Драмски театар во Скопје ја објаснува со голема ангажирност во Велешкиот и во Драмски театар и поради тоа проценил дека е време да се повлече од оваа функција.

Тој во моментов игра во вкупно осум претстави во двата театари, ангажиран е околу синхронизациите во сериите, има и приватни проекти на кои сака да им посвети внимание.

– Посебно ми е значаен ангажманот околу Фестивалот на античка драма „Стоби“ и таму би сакал да се посветам уште повеќе – вели Љутков во изјава за „Република“.

Тој во моментов во Драмски театар е дел од екипата која ја подготвува претставата „Живот во тесни чевлички“ на Душан Ковачевиќ.

– Ова претстава е последната која ни беше зацртана во четиригодишната програма која ја создадовме со веќе починатиот директор Бранко Ѓорчев. На еден начин, „Животот во тесни чевлички“ е заокружување на нашата заедничка работа. Со ангажманот во Драмски и во Велешкиот театар, како и со синхронизациите, но и некои приватни проекти навистина имам сѐ помалку време целосно да се посветам на функцијата уметнички директор – вели Љутков, кој повеќе од три години ја извршуваше функцијата уметнички директор.

Љутков не ја отфрла можноста повторно да ја извршува оваа функција.

– Во овој период навистина сум презафатен. Не велам дека веќе никогаш нема да будам никаде уметнички директор. Му благодарам на директорот Роберт Велјановски за досегашната соработка и се надевам дека ќе направи добра одлука во изборот на својот иден соработник –  вели Љутков.

Инаку, премиерата на „Животот во тесни чевлички“ се очекува во март. Режисер на претставата е Ненад Витанов, а во неа играт: Драган Спасов-Дац, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Душица Стојановска, Марија Кондовска, Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Зоран Љутков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top