| четврток, 6 декември 2018 |

Цибулкова победува за помалку од еден час, Азаренка се прости од титулата во Мелбурн

Нови шампиони ќе ги кренат пехарите на Австралија опен во Мелбурн по елиминацијата на бранителите на титулата, Новак Ѓоковиќ и Викторија Азаренка.

Ноќеска Агнешка Радванска со супериорна игра во третиот решавачки сет ја сопре серијата на Азаренка од 18 победи на Отвореното првенство на Австралија и се пласира во полуфиналето. Популарната Ага славеше со 6-1, 5-7, 6-0 и за финале и шанса да го освои трофејот ќе треба да ја елиминира извонредната Доминика Цибулкова.

Словачката тенисерка игра како во транс на почетокот на сезоната и последните 8 меча ги решаваше експресно за помалку од еден час. Во четвртфиналето за точно 60 минути ја декласира Романката Симона Халеп со 6-3, 6-0, а куриозитет е што последните сетови на двете четвртфиналиња што се одиграа ноќеска завршија со по 6-0, секако во корист на победничките Радванска и Цибулкова. Со ваквиот расплет на настаните и елиминацијата на главните фаворитки Серена Вилијамс, Азаренка и Шарапова, сега кинеската тенисерка На Ли има најголоем рејтинг и единствена знае како се победува на гранслем турнир. Таа го освои Ролан Гарос пред 3 сезони, а за ново финале на гранслем турнир ќе треба да ја победи тинејџерката Јужин Бушар (19 години) од Канада.

Во неизвесен дуел што траеше долго, Рафаел Надал се намачи против Григор Димитров, но сепак победи со 3-1 во сетови. Два од нив беа клучни, се играа во тај-брејк, а шпанскиот ас беше поумешен што пресуди и го одведе Рафа во полуфиналето на мегдан на подобриот од дуелот меѓу Роже Федерер и Енди Мареј. Тој меч е во тек.

Во второто полуфинале Станислас Вавринка ќе се обиде да ја потврди победата над шампионот Новак Ѓоковиќ, а за такво нешто му треба успех против одличниот Чех Томаш Бердих. Овие двајца тенисери немаат освоено гранслем пехар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top