Владините спотови се прикажуваат на сите македонски телевизии и се во рамките на законските норми, се вели во соопштението од Владата на Македонија, а по обвинувањата на портпаролот на СДСМ Петар Шилегов дека Владата префрлила еден милион евра во тв Сител за една недела.
„Владата на Република Македонија во рамките на редовното и тековно работење реализира активности за информирање на граѓаните за определени проекти кои се реализираат, за определени права и можности кои ги воведуваме за граѓаните преку проектите и за промоција на вредности кои се од интерес на граѓаните. Тие активности за информирање на граѓаните преку медиумите се реализираат преку сите национални и локални медиуми, односно покрај на ТВ Сител, се реализираат и на ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алсат, Тв Алфа и други национални и локални телевизии. Сите активности за информирање на граѓаните за проектите, за правата, за можностите и за вредностите се реализираат согласно закон и склучените договори каде што детално се уредуваат предметот на договор и правата и обврските на двете страни кои ги склучуваат договорите“, се вели во соопштението од Владата.
„Средствата за кои говори Шилегов, се средства за исплата на обврски не за седум дена како што лажно тврди Шилегов, туку за обврски кои се настанати во период од скоро година и половина дена. Тие средства се исплатени за обврски кои се настанати за реализација на информативни активности преку медиумите кои се однесуваат исклучиво на владини проекти, на права и можности кои се воспоставуваат за граѓаните и за промоција на вредности во општеството, и само за тоа, а не за нешто друго како што лажно измислува и обвинува Шилегов. Ппокрај на ТВ Сител истите овие активности за информирање на граѓаните за владините проекти, правата и можностите за граѓаните и промоција на вредностите во општеството, се реализираат во истиот период и на ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа и ТВ Алсат, врз основа на склучени договори. Во периодот кога се извршени овие исплати кон ТВ Сител, извршени се и исплати и кон ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа и ТВ Алсат“ пишува во соопштението.
Понатаму, во соопштението од Владата прецизно се наредени сите емитувања и исплатите во првата недела од март 2013 година се однесуваат за извршени емитувања од четвртиот квартал на 2012 година и првиот квартал на 2013 година.
„Исплатите од последната недела на јуни 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во вториот квартал на 2013 година, по доставени фактури во мај и јуни 2013 година за емитувања на спотови за „Истражи ја Македонија“, за промоција на странски туристи, за вработување на социјално ранливи категори.
Исплатите од последната недела на август 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во трет квартал 2013 година, по доставени фактури од трет квартал 2013 година за следниве работи: – спотови Семејни вредности, за промоција на вредностите, спотови за објаснување на последиците од абортусот, и емитувања на спотови за поволностите и паричната помош кои се овозможуваат за трето и четврто дете, потоа спотови за промоција на вредностите од мултиетничкото и мултирелигиско општество, за меѓу етнички и меѓу религиски соживот. Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период. Исплатите од последната недела на октомври 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во трет квартал 2013 година, по доставени фактури од трет квартал 2013 година за следниве работи: спотови за одбележување на 110 годишнината од националниот празник 2-ри август Илинден, спотови за одбележување на 22 годишнината од државниот празник 8-ми Септември. Исплатите од втората недела на ноември 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во трет квартал 2013 година, по доставени фактури од октомври 2013 за следниве работи: спотови за Претприемништво, за Иновативност, Истражи ја Македонија, спотови за одбележување на државниот празник 23-ти Октомври,
спотови за одбележување на националниот празник 11-ти октомври. Овие спотови и соопштенија се емитувани на сите национални телевизии и соодветно е извршена и исплата по фактурираните обврски од нивна страна доставени во тој период, се објаснува во сооштението од Владата.
Според изнесеното во соопштението, исплатите од последната недела на ноември во 2013 година се однесуваат за извршени емитувања во ноември 2013 година, по доставени фактури од ноември 2013 се за спотови за Претприемништво и спотови за иновативност. Овие спотови и соопштенија биле емитувани на сите национални телевизии.
„Сите овие емитувања и исплати се реализирани согласно законските процедури при што склучени се договори покрај со ТВ Сител и со ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа, ТВ Алсат и други телевизии согласно член 8 став 2 од Законот за јавни набавки. Нема ништо лошо ни спорно во реализацијата на активности за информирање на граѓаните за можноста за упис на Академија за судии и обвинители, за можностите за 1600 вработувања на социјално ранливи групи, за можностите за развој на туризмот, за промоција на вредностите од мултиетничкото и мултирелигиско општество, за промоција на семејните вредности, за славење на државните празници и други можности и проекти. Ова се многу прецизни факти и аргументи, многу јасни, факти базирани на еднаков пристап кон сите субјекти, на реализација на активности за информирање на сите субјекти врз основа на договори кои сме ги потпишале со нив и со кои се согласиле и ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ Канал 5, ТВ Алфа, ТВ Алсат и другите медиуми, а договорите се склучени врз основа на закон.
Ги повикуваме СДСМ да не се занимаваат со вакви лажни обвинувања, со конструкции и измислици, со блефирања и ситно политиканство, туку да се залагаат за проекти кои ќе носат економски раст и развој и нови вработувања како што ние се залагаме и ќе продолжиме да се залагаме, се вели во соопштението од Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.