Композиција „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од композиторот Владимир Николовски победи на конкурсот за избор на оркестарско дело објавен од Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ). Ова е едногласна одлука на жири- комисијата во состав Живоин Глишиќ – композитор, Мирослав Спасов – композитор, Марко Коловски – музиколог и Владимир Костов – музички уметник. На анонимниот конкурс пристигнаа вкупно шест нови композиции за оркестар. Победничката ќе добие парична награда од 100.000 денари, а предвидена е и изведба на композицијата со Македонската филхармонија.
– Задоволни сме од одѕивот на објавениот конкурс. Куриозитет е што добитникот на наградата не е член на СОКОМ со што пак потврдуваме дека во музичкото творештво и уметноста квалитетот е пресуден. Чинам дека со овој конкурс се навестува богата продукција на македонските автори со новиот конкурс за стимулација на македонското творештво кој наскоро ќе биде објавен од Министерството за култура, со кој ќе се поддржат 50 нови композиции – изјави претседателот на СОКОМ, Сони Петровски.
Според директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, која, како што рече, ја поздравува иницијативата за стимулација на македонското музичко творештво, композицијата „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ ќе биде ставена на програмата следната сезона.
– Добро е што правата за изведба ќе бидат отстапени на институцијата и што оркестарот и публиката ќе имаат можност да ја слушнат оваа композиција како дел од нашиот репертоар. Верувам дека со ова ќе се придонесе за уште поактивно творење од страна на македонските композитори – истакна Чанаќевиќ.
Владимир Николов е композитор чие творештво опфаќа широк спектар на изразни средства и жанри, користејќи ги искуствата во класичната музика и џезот како точка на поаѓање. Подолго време е „зад сцената“ во улога на аранжер во светски оркестарски проекти, но често настапува и како диригент и гитарист со реномирани солисти и ансамбли. Роден во Скопје, 1979 година, студиите по класична гитара на ФМУ во Скопје ги завршува во 2001 година, дипломирајќи со оригинална композиција. Во меѓувреме почнува со композиција и аранжирање под менторство на Илија Пејовски, како и студии по џез композиција и аранжирање на Амстердамскиот конзерваториум во Холандија, дипломирајќи со целовечерен авторски Биг Бенд концерт (2004). Магистерските студии ги завршува во 2005 година, со фокус на пишување за симфониски оркестар.
Николов е добитник на повеќе интернационални награди, меѓу кои две први награди за оригинални композиции и пет за аранжмани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Прво ЦД издание на македонскиот композитор Вулнет Таири
-
СОКОМ и годинава учесник на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори
-
Наградените композитори се огласија: Сеуште не сме добиле решенија и договори , а министерот за култура цели 10 месеци одбива средба со СОКОМ
-
СОКОМ наградата „Георги Божиков“ им ја додели на „Биг бенд“ за најуспешна изведба на македонско дело во изминатата година