Дел од вкупно 107 времени објекти евидентирани на територијата на општина Охрид ќе бидат трајно отстранети, дел ќе се дислоцираат, а само тие што се вклопуваат во урбанистичките планови ќе можат да продолжат да ја извршуваат својата дејност, но под нови услови. Ова денеска на сопствениците на времени објекти во Охрид им го соопшти локалната самоуправа, која најави дека ќе им помогне да ги преадаприраат старите и нефункционални објекти.
-Голем дел од нив изгледаат неугледно и го нарушуваат амбиентот и за некој од нив ќе побараме да се изградат како што доликува на тој простор, а ние ќе помагаме како општина во рамки на нашите можности.-изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
-Заедничка е целта и наша и на градот да се унифицираат времените објекти некако да се препознатлив бренд на Охрид и со тоа се согласивме сите. – истакна Огнен Достиноски – сопственик на времен објект.
Во иднинана сопствениците на времени објекти ќе плаќаат давачка за користење на земјиште, најави градоначалникот Бакрачески. Тој посочи дека од 2006 година сопствениците на времени објекти не ги подмирувале обврските кон државата за користење на земјиштето, кое од 2012 година е под ингеренции на локалната самоуправа.
-Никој до сега не ни кажал за досегашните години. Ние не бегаме од плаќање, тоа шо треба да се плаќа ќе се плаќа. – рече Клаудија Арсенова – сопственик на времен објект.
Согласно законот, локалната самоуправа изготвува програма за поставување времени објекти за која согласност издава Министерството за транспорт и врски, по што ќе биде спроведена лицитација за користење на земјиштето. Во Охрид околу 300 граѓани остваруваат егзистенција работејќи во времени објекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


