Најголем предизвик за македонската економија во 2014 година се парите и како деловниот сектор да дојде полесно до нив. Главните барања на стопанствениците се компаниите да имаат пристап до евтини кредити, кои, како што најавуваат, во 2014 година ќе ги користат за инвестиции и за набавка на нова опрема и на машини. Планираат нови инвестиции, но, сепак, бараат поголема поддршка од банките.
Бизнисмените што ги консултираше „Република“ велат дека се оптимисти за домашната економија. Очекуваат како што поминува кризата во Европа така да им се зголемат нарачките, а веќе размислуваат и за заеднички настап на компаниите на трети пазари.
Стопанските комори во новата година влегоа со оптимизам, но и со неколку сугестии и барања за економски успешна година. Бараат реализација на најавените капитални инвестиции, освојување алтернативни пазари со заеднички производ и зголемување на извозот. Од Стопанската комора велат дека во 2014 година ќе работат на исполнување на неколку нивни барања.
– Ќе работиме на донесување закон за поттикнување на инвестициските вложувања, кој е приоритет за домашното стопанство, со акцент на еднаков третман на домашните и на странските инвестиции. Потоа на донесување гарантен фонд за недостиг од колатерал кај производствените и кај извозните компании, а со намалување на дополнителните оптоварувања кај македонските компании ќе побараме намалување или укинување на одредени давачки кај парафискалните зафати – изјави Јелисавета Георгиева, извршната директор на СКМ.
Во Сојузот на стопански комори годинава очекуваат динамичен економски пораст воден од капиталните инвестиции. Сметаат дека раздолжувањето кон стопанството, Законот за финансиска дисциплина, евтините кредити, ниската референтна каматна стапка и Договорот за гасификација се петте клучни работи што ја одбележаа минатата година.
– Сите овие мерки треба да дадат резултат во 2014 година за да порасне кредитниот пораст, компаниите се заздравени, државата е раздолжена, се надеваме дека ликвидноста ќе резултира и меѓу самите компании, но треба да се внимава со законот за финансиска дисциплина за да не заглават компаниите, кои сè уште немаат земено воздух, но сите предуслови за 2014 година се добри – изјави Златко Калеников, претседателот на ССК.
Минчо Јорданов, претседателот на бордот на директори на „Макстил“, вели дека стопанството ќе продолжи да оди напред, а, за жал, кај металургијата и кај челикот не очекува дека ќе има некои подобрувања.
– „Макстил“ повеќе години покажува загуба, која ние ја покриваме, а сега ќе мора да влеземе и во еден циклус на инвестиции и во екологијата и мислам дека „Макстил“ уште неколку години ќе биде во една тешка финансиска и производствена состојба. „Макстил“ веќе подолго време работи со една третина од своите капацитети и сè додека е таква ситуацијата, тешко ќе биде да се очекуваат позитивни резултати – вели Јорданов.
Кочо Анѓушев, претседателот на Македонската енергетска асоцијација, вели дека металната индустрија, која ја раководи, се базира на долгорочни договори и во овој период тие се најдобри бидејќи кога е тежок пазарот, најважна е стабилноста и дисперзијата на ризикот.
– Во таа смисла, таа стабилност најмногу ја гледам во делот на соработка со компании што се здрави и добри во Европа, а кои имаат за цел да го поевтинат своето производство. Тие бараат сигурни испорачатели од овој регион и Македонија е дел од таа конкуренција. Но, да не заборавиме дека Македонија не е единствена што може да го понуди тоа, туку можат да го понудат и сите соседни земји и сите земји од поранешниот источен блок и тука ќе биде натпреварот, кој ќе биде поуспешен во тоа. Тука гледам можност за нашите компании, кои се извозноориентирани – вели Анѓушев.
Во прогнозите, Народната банка на Македонија очекува пораст на домашната економија од 3,7 проценти во 2014 година. Според централната банка, главни носители на економскиот пораст ќе бидат извозниот сектор, инвестициите и домашната побарувачка, која од годинава бележи заживување, а дополнителен стимул да даде и очекуваното зголемување на кредитирањето.
Градежништвото и во 2014 година во офанзива
Лани, градежништвото беше главен двигател на домашната економија. Со пораст од дури 30,5 проценти во третиот квартал придонесе за порастот на вкупниот БДП од 3,3 проценти. Градежниците очекуваат многу од реализацијата на неколкуте инфраструктурни проекти. Според претседателот на Комората за градежништво, Сеад Кочан, допрва ќе следува бум во градежниот сектор.
– Македонија веќе договори околу 600 милиони евра од кинескиот инвестициски план за регионов, за два автопатишта проектите се веќе подготвени и веќе в година ќе почнат со реализација. Владата успеа да се договори со Кинезите најмалку 50 проценти од работата да биде спроведена од македонски компании, и тоа е одлично. Да не го заборавиме и проектот „Демир Капија – Смоквица“, вреден 300 милиони евра, што значи дека во следниов период како сектор треба да се заработат една милијарда евра – потсетува Кочан.
Џозеф Стиглиц, нобеловец по економија
Џозеф Стиглиц, американски нобеловец по економија и професор на Универзитетот „Колумбија“ вели дека иако светот го избегна вториот дел од Големата депресија, западна во Голема слабост, во која приходите на голем дел од населението во развиените земји едвај растат. Уште повеќе, истото тоа може да го очекуваме и во 2014 година, смета тој.
– Европската рецесија со двојно дно е завршена во 2013 година, но никој не се осмелува да тврди дека е почнато дефинитивно закрепнување. Повеќе од 50 проценти од младите во Шпанија и во Грција се и понатаму невработени. Вистинската опасност за Европа е можноста да падне во самозадоволство. Како што одминуваше 2013 година, можеше да се почувствува дека се намалува брзината на важните институционални реформи во еврозоната. Континуираната стагнација на Европа е доволно лоша сама по себе, но и понатаму постои значителен ризик од уште една криза во некоја од членките на еврозоната. Ако не во текот на 2014 година, тогаш во блиска иднина – вели Стиглиц во својата колумна во „Њујорк тајмс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.