| четврток, 6 декември 2018 |

Невеста сакала да избега со парите сред свадба, зетот веднаш побарал развод

Во Градачац вчера не се зборуваше за висоте цени, тешкиот живот, есенската берба или скапиот огрев. Главна тема во ова босанско гратче беше вчерашниот скандал, кој се случи на венчавката на 23-годишниот Един Хуселиќ од Градачац и неговата избраничка Елда Мујчин од Оџак, пренесува босанскиот медиум „Дневни аваз“.

На свадбената веселба со 300 гости, инцидентот се случил некаде пред полноќ. Според тамошните обичаи, после вечерата, невестата им дели на гостите кафе, а тие ја даруваат со пари. Кога поголемиот дел од парите бил собран, му рекла на нејзиниот сопруг дека ќе ги земе сите пари, бидејќи таа била таа која го делела кафето и ги собрала подароците. Младоженецот  рекол дека такво нешто не доаѓа предвид, бидејќи тој ја платил свадбата и подигнал кредит да го уреди нивниот заеднички дом. Невестата, наводно, се обидела да избега со парите, а кога не успеала, ја викнала мајка си и се вратила дома расплакана.

– Таа ја зеде корпата, во која имаше околу 5.500 марки (околу 2.800 евра), не знаеме дали се собрале повеќе и дали успеа нешто да земе. Имаме сведоци дека таа се обиде да замине со корпата пари, камерите снимија сѐ – раскажува роднина на зетот.

Младенците пред венчавката биле заедно неколку месеци, а младоженецот уште следниот ден поднесол барање за развод.

– Ова уште не сум го чул, ни доживеал, за тие пари да се искараат младоженците и тоа среде свадба. Се прашувам каква е оваа денешна љубов. Па, зар тие двајца не планираа заеднички живот, деца…- прашува 78-годишен жител на Градачац.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top