Синоќа во НБА-лигата беа одиграни 12 натпревари. Чикаго победи дури по три продолженија против Орландо со 128-125. Глен Дејвис можеше да биде јунак за Орландо бидејќи имаше шанса на две секунди до крајот на регуларниот дел да го донесе својот тим до победа, но неговиот шут беше изблокиран. Најефикасен на теренот беше Оладипо од редовите на Орландо постигнувајќи 35 поени. Одлична партија пружи и Џамир Нелсон со 31 поен и 10 скокови, но тоа не беше доволно за победа.
Кај победничката екипа се истакнаа Жоакин Ноа со 26 коша и 19 скока, додека Карлос Бузер додаде 23 поени. Џими Батлер постигна рекорд по одиграни минути. Тој се задржа на паркетот дури 60 минути.
Во „Стејпл центар“ беа постигнати најмногу поени, дури 256. ЛА Клиперс и Далас беа расположени за погодување, но победата остана во Лос Анџелес, каде што домашната екипа победи со 129-127.
Грег Оден по пауза од цели четири години се врати на терените во НБА-лигата. Првиот пик на драфтот од 2007 година по неколкуте тешки повреди се врати на паркетот, овој пат за тимот на Мајами одигра осум минути и постигна шест поени. Сепак, неговиот тим загуби во Вашингтон со 114-97. Во еден момент од натпреварот Вашингтон водеше со 30 коша разлика. Шампионот успеа во последната четвртина да намали на седум коша, но немаше сили да направи целосен пресврт.
Вечерва во Лондон во „О2 арена“ силите ќе ги одмерат Бруклин и Атланта. Перо Антиќ е во составот на тимот по паузата од еден натпревар поради повреда на грбот.
Резултати:
Орландо – Чикаго 125-128 (3 пр.), Филаделфија – Шарлот 95-92, Вашингтон – Мајами 114-97, Бостон – Торонто 88-83, Милвоки – Мемфис 77-82, Минесота – Сакраменто 108-111, Њу Орлеанс – Хјустон 100-103, Сан Антонио – Јута 109-105, Феникс – ЛА Лејкерс 121-114, Портланд – Кливленд 108-96, Голден Стејт – Денвер 116-123, ЛА Клиперс – Далас 129-127
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.