Германскиот неделник „Фокус“, повикувајќи се на мислења на неколкумина угледни медицински експерти за повреди на мозокот од Германија, смета дека Германецот Михаил Шумахер би можел да остане во кома до крајот на животот.
Ниту по 19 дена од падот за време на скијањето, Шумахер не може да заздрави за да лекарите можат да го разбудат од состојбата на кома во која беше ставен за да се помогне заздравувањето на неговиот мозок.
При вакви повреди лекарите ги оставаат пациентите во состојба на медицинска кома, во обид да се спречат какви било компликации и за да не дојде до дополнително оштетување на мозокот. Според мислењето на лекарите на кои се повикува „Фокус“, доколку повредите на главата не се премногу тешки, пацинетите обично се будат од кома по една до најмногу две недели.
– Не можеме да шпекулираме. Зборуваме за живот и за смрт. Во кома теоретски може да биде до крајот на животот. Тоа нема да му го оштети мозокот. Во спротивно, може да има компликации – вели за германски „Фокус“, Андреас Зигер, неврохирург на Универзитетската клиника во Олденбург.
Состојбата на Шумахер е очигледно многу потешка и посеризона, па тој безмалку три недели останува во состојба на кома.
Германскиот весник „Билд“ тврди дека во овој момент нема никакви планови тој наскоро да биде разбуден од состојбата во која е оставен, уште веднаш по приемот во болницата во Гренобл.
Француските лекари што го лекуваат Шумахер велат дека неговата состојба и натаму е критична, иако општата здравствена состојба ја означуваат како стабилна.
Германските лекари објаснуваат дека повредите на мозокот се најкомпликуваните во човечкото тело, па затоа сметаат дека давањето прогнози може да биде неумесно. Ако повредите се потешки отколку што сега се оценува, тогаш Шумахер може да остане во кома на неопределено време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.