Американската Агенција за национална безбедност (НСА) на приближно 100.000 компјутери низ светот тајно инсталирала специјален софтвер, со чија помош добила пристап до нив и можност за извршување на кибер напади, соопштува весникот „Њујорк тајмс“.
Најчесто софтверот се инсталирал преку упад во компјутерските мрежи, но НСА се повеќе употребувала тајна технологија, што и давала можност да влегува и ги менува податоците во компјутерите, дури тие и да не биле поврзани со Интернет, покажуваат документите на агенцијата, на компјутерски експерти и на американски службеници, цитирани од весникот.
Радиотехнологијата, употребена од НСА почнувајќи од 2008 година, дава можност за пренесување на радиобранови од минијатурна апликација или УСБ стик, поставени тајно во компјутерот, додека инсталирањето на хардверот можело да биде изведено од шпион, од производител или од нималку сомнителен корисник.
Од НСА објаснуваат дека системот, што може да се искористи за спречување на кибер напади од следените компјутери, повеќе е „активна заштитна стратегија“.
Меѓу главните цели на НСА и нејзините партнери од Пентагон, Кибер командата на САД, биле делот од кинеските вооружени сили кој САД го обвинуваат за редовните компјутерски упади и напади врз американски индустриски и воени цели, преземени со цел да се извршат кражби на индустриски тајни и друга интелектуална сопственост.
Програмата со кодно име „Квантум“, меѓутоа, успешно била инсталирана и во руските воени мрежи, како и во системите користени од мексиканската полиција и наркокартели, од комерцијалните институции во Европската унија и некои партнери на САД во борбата со тероризмот, како Саудиска Арабија, Индија и Пакистан, забележува „Њујорк тајмс“.
Американската програма за следење, преку која масовно се собираат телефонски податоци, е вредна , но треба да се измени за да се заштитат правата на Американците, соопшти пред Конгресот на САД Комисијата за правосудство на Сенатот, цитирана од ДПА.
Според зборовите на поранешен вработен во ЦИА дадени пред комисијата, програмата на Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД за собирање мега податоци е важна, дури и во случај и кога досега не спречила некакви терористички напади.
Но, сенатската комисија пред Конгресот соопшти дека податоците за телефонските разговори на Американците треба да се чуваат од телефонските компании, а не од владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.