Македонските ракометарите на вториот натпревар на Европското првенство одиграа нерешено со екипата на Чешка 24-24, но шансите за пласман во вториот круг остануваат. Ни треба реми или победа во последното коло со Австрија и пораз на Чешка од Данска. Капитенот Кире Лазаров вели дека е задоволен од исходот и дека на следниот натпревар против Австрија очекува подобар настап на нашите ракометари.
– Чесите според мене се една од најдобрите шест-седум селекции во Европа, честитки за добрата игра на нашите противници. Со оглед на движењето на резултатот, може да се каже дека овој нерешен резултат е најреален исход. Овој бод е скоро како победа за нас. Ме радува што во нападот беше поразноврсни отколку против Данска, како и од сите претходни контролни средби. Тоа ни дава уште поголема сигурност бидејќи не сме читливи за противниците. Пак промашивме зицери, треба да поработиме на реализацијата за да бидеме уште попрецизни на следните мечеви. Против Австрија не размислуваме за калкулации за третото место, одиме на победа за да пренесеме два бода во следната рунда. Слободно можам да кажам, Борко ми е пријател и цимер, дека очекуваме поголема поддршка од голманите, денеска остваривме одличен резултат ако се знае дека имавме шест одбрани. Против Австрија ќе ни требаат 15 одбрани од голманите, ако сакаме да стигнеме до посакуваната победа– изјави Лазаров.
Селекторот на нашата репрезентација Ивица Обрван рече дека на ремито со Чешка треба да се гледа како на позитивен резултат.
– Ние не сме репрезентација што може да игра во исто темпо цел меч и да задржи предност веднаш што ќе ја создаде, но ме радува што покажавме добра дисциплина во играта. Жалам што при 6-3 не го зголемивме притисокот врз ривалите, но во суштина работите се одвиваа онака како што очекувавме, дека ќе биде неизвесно буквално до последната секунда. Ова е позитивен резултат и треба да ни даде потстрек пред следните предизвици, изјави селекторот Ивица Обрван.
Миркуловски по завршувањето на натпреварот со Чешка изјави дека се потврдиле очекувања дека ова ќе биде неизвесен натпревар од првиот до последниот момент.
– Ремито за нас е како победа бидејќи комбинациите велат дека и со некој минимален пораз од Австрија би можеле да одиме понатаму, вели Миркуловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.