
Софија го поддржува европскиот пат на Македонија, но прашањата кои се во агендата со соседните земји, поконкретно со Грција и Бугарија треба да бидат решени, порача бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, кој денеска во Скопје имаше средба со министерот Никола Попоски.
– Прашањата за добрососедство и соработка се едни од клучните теми за кои се проценува подготвеноста на една земја да почне преговори за членство во Европската унија. Ваш интерес е овие услови да бидат исполнети максимално брзо, бидејќи ние би сакале земјите од Западен Балкан што побрзо да станат дел од ЕУ, рече Вигенин во своето обраќањето на тема „ЕУ и Западниот Балкан: Предизвици во 2014 година“.
Тој нагласи дека разговорите во однос на договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија продолжуваат и оти очекува наскоро да има позитивни и конкретни чекори и резултати.
– Се надевам дека многу брзо ќе можеме да ги покажеме резултатите и постепено без да се ангажираме со некакви рокови и непотребно брзање да стигнеме до потпишување на овој договор. Паралелено со овој процес ако се отворат и проблемите кои постојат со Грција, Република Македонија многу брзо ќе може да ги почне преговорите за членство во ЕУ, нагласи Вигенин.
Во последниве неколку месеци, како што рече, има напредок во преговорите за договорот за добрососедство и соработка.
– Мислам дека нашата политика паралелно со преговорите да се обидеме да направиме развој на соработката и во други сфери кои ќе создадат подобра атмосфера во нашите односи дава резултати. Сметам дека и медиумите од двете земји треба да се обидат да го покажат и позитивното во овие односи. Тоа ќе помогне за подобро разбирање и ќе даде шанса да и ги решаваме и потешките прашања, кои не се многу, но се важни и не треба да бидат избегнувани. Замачкувањето на тие прашања не е опција и треба да се обидеме градејќи ја оваа доверба да стигнеме до можност да зборуваме за тешките проблеми без тие да бидат препрека за развојот на нашите односи, прецизира шефот на бугарската дипломатија.
Македонија, посочи, ќе има поддршка од страна на Бугарија и кога тоа ќе биде потребно ќе го споделува своето искуство и начинот на кој ги решава прашањата неопходни за членство во ЕУ.
Министерот Попоски рече дека постои отворен дијалог за договорот за добрососедство и соработка, нагласувајќи дека значаен напредок е и фактот што има отворена комуникација и се дискутира за темите за кои постои определено различно размислување.
– Запознати се нашите бугарски колеги со чуствителностите во Македонија, а ние сме запознати со чуствителностите во Бугарија. Мислам дека е значајно да имаме отворен дијалог по сите прашања и да направиме било каков текст со кој би се чувствувале конфорни исто толку во Македонија, колку што би се чувствувале во Бугарија. Многу е значајно што сме отворени и се обидуваме да имаме решенија со кои ќе бидат задоволни двете страни, а токму тоа е и целта, рече Попoски.
Посочи дека кое било решение што би се нашло за потпишување на договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија би водело сметка за чуствителностите кај другата страна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


