Општината Арачиново останала без пари откако извршител и ја блокирал сметката за да наплати долг по пресуда на судот во Стразбур во спор што го покренал жител на селото Арачиново. Општината нема пари, а до 24 март кога се закажани локалните избори треба да организира гласање, пишува МКД.МК.
Градоначалникот на Арачиново Басри Бајрами ги известил и ДИК и Министерството за финасии во каква криза се нашле и дека немаат пари да ги спроведат изборите. Откако му одговориле дека за локалните избори е надлежна локалната власт, Бајрами денеска ни изјави дека веќе прави план како да најде пари за изборите.
„Слушнав дека може да се бара кредит. Ако се направи така ќе се реши проблемот, оти нашата општина нема пари за избори. До пред 20 дена ни беше блокирана сметката. Извршител ни ги зема парите од сметката поради пресуда на судот во Стразбур за случај кој се случил по војната во 2001 година“, вели градоначалникот Бајрами.
Општината Арачиново за тужбата платила 15.000 евра. Станува збор за спор што го покренал жител на Арачиново во судот за човекови права во Стразбур за трагичниот случај во кој едно лице загина, а едно беше повредено во Арачиново во експлозија на подметната бомба неколку години по воениот конфликт. Бомбата експлодирала во моментот кога загинатиот и соседот што го придружувал се обиделе да ја отворат влезната врата и да влезат во куќата, сопственост на братот на загинатиот. Судот пресудил против државата и против општината Арачиново.
Освен Арачиново пари за избори немаат ниту 13 други општини кои побараа помош од државата.
Скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС Коце Трајановскипред некој ден изјави дека ќе се најде решение за општините кои немаат предвидено средства за реализација на локалните избори, но не прецизира како ќе се направи тоа. Тој призна дека ЗЕЛС биле совреме информирани од Министерството за финансии и од ДИК да си одвојат пари за избирачките одбори.
Дека немааат пари за изборите се пожалија и Пласница Студеничани, Долнени, Зрновци, Старо Нагоричане, Брвеница, Тетово, Крива Паланка, Ранковце, Чашка, Вевчани, Богданци и Демир Хисар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.