Издавачот „Македоника“ објави уште два тома од досега необјавените историографски трудови на Павле Раковски – „Невистините и вистините“ (том 2) и „Протестирам и обвинувам“ (том 3), откако претходно ја објави мемоарската книга на Павле Раковски „Во длабока ноќ зората се раѓа“, како прв том од повеќетомните историографски дела на авторот под заеднички наслов „Македонците и Граѓанската војна во Грција“.
И во овие два тома доаѓа до израз полемичкиот дух на Павле Раковски, карактеристичен за неговите мемоарски записи и анализи, при што, борејќи се со силата на аргументите, се залага за праведноста и вистината. Неговиот полемичен тон преминува во глас на протест, при што отворено посочува и обвинува – и за лагите и за манипулациите со историските факти и за штетите што му се направени на македонското народноослободително движење од страна на грчките комунисти, но и од страна на македонските борци и раководители кои паднале под нивно влијание и како Македонци вршат антимакедонски дејства…
Со својата полемичност и критичност, Раковски на лагите им се спротивставува со фактите. Аргументите ги изнесува отворено и документирано, како непосреден сведок и еден од главните организатори на македонското народноослободително движење во Егејска Македонија во Втората светска војна и за време на Граѓанската војна во Грција. Раководителите на тоа движење подоцна се поделени и спротивставени, честопати и непријателски насочени, а во таквата ситуација Раковски станува жртва. Во таква улога полемизира, но и компетентно ги анализира настаните во тој период.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.