Странскиот акционер во а.д. „Фершепд“ – „Квест инвестмент“ од Кипар денеска објави соопштение со кое информира дека предлага пет члена на Надзорниот одбор на „Фершпед“ за собранието на акционери, кое е закажано за 10 јануари.
За членови „Квест инвестмент“ ги предлага: Петер Гореншек, дипломиран економист од Словенија, Венцислав Гушев, адвокат од Скопје, Драгослав Димевски, исто така, од Скопје, како и досегашниот претседател на Надзорниот одбор, Штерјо Наков и син му Сашко Наков.
„Квест инвестмент“ дополнува дека бара гласањето за членови на Надзорниот одбор да биде тајно.
„Сметаме дека со оваа структура на членови на Надзорниот одбор се постигнува соодветна застапеност на носителите на акции, а воедно ќе претставува поттик за консолидирање на интерсите на акционерите и воспоставување реални основи надзорниот одбор овластувањата што ги поседува врз основа на закон и статут да ги врши во интерес на Друштвото и во интерес на акционерите“, пишува во документот објавен на Берзата, а потпишан од застапникот на „Квест инвестмент“, адвокатот Венцислав Гушев.
Интересно е тоа што во предлозите на инвеститорот „Квест Инвестмент“ не се најде предлогот за член на Надзорниот одбор во „Фершпед“ од фирмата на Кираца Трајковска, друштвото за инвестирање и консалтинг „Консалтинг инвестментс син ДОО“ од Скопје.
Оваа фирма пред неколку дена преку соопштение на Македонска берза го предложи Љубомир Давидовиќ од Скопје за член на Надзорниот одбор на компанијата.
Избор на членови на Надзорниот одбор на „Фершпед“ е една од точките на дневен ред на собранието на акционери закажано за 10 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.