Поранешниот началник на Генералштабот на Чешка, Јиржи Шедиви тврди дека е многу можно Прага на Палестинците да им служела како складиште и претовар на оружје, јави дописникот на МИА од Прага.
Изјавата доаѓа по неодамнешното загинување на палестинскиот амбасадор Џамал Мохамед Џамал во експлозија на сеф во неговата резиденција, каде подоцна при контрола на куќата чешката полиција најде оружје кое не било пријавено.
– Тука можеби зборуваме за добро организирана мрежа за дистрибуција на оружје и експлозиви кои под дипломатско покритие вршеле трансфер на оружје на конкретни адреси, изјави Шедиви.
Тој истакна дека не зборува за тероризам, туку за собирање и разместување на воена опрема која потенцијално би можела да се користи во акции. Тоа е најлошата верзија на мојата загриженост и размислувања, рече Шедиви.
Според достапните информации, во објектот каде само што се преселила палестинската амбасада наводно биле пронајдени 70-тина парчиња огнено оружје кои не биле заведени во чешката евиденција.
Според поранешниот чешки воен претставник, голема е веројатноста сличен арсенал да се наоѓа и во останатите палестински амбасади низ Европа и други земји.
Во врска со смртта на палестинскиот амбасадор, чешката полиција соопшти дека не се работи за терористички чин, но не излезе со конкретни информации за тоа како и зошто се случила експлозијата на трезорот.
Палестинските власти тврдеа дека експлодирал стар сеф кој не бил отворан 20 години, но извори на амбасадата го негираа тоа тврдејќи дека сефот се користел секојдневно.
Ќерката на палестинскиот амбасадор за палестински медиуми обвини дека нејзиниот татко е убиен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


