Полицијата денеска го пронајде телото на четиринаесетгодишната Маја Блажевска, по која се трагаше речиси два месеца. Како што објави „Република“, телото на младата девојка од Лешани е пронајдено кај местото познато како Натнасер Бачила во атарот на селото Велмеј, во близина на Охрид. Според информациите од полицијата, телото било во распаѓање поради изложеност на природните околности, но и на живиот свет што живее во овој крај. Од СВР Охрид велат дека ќе почекаат резултати од обдукцијата, со што ќе се потврди идентитетот на девојката, како и причините и времето кога настанала смртта.
Младата девојка двапати бегаше од дома. Првиот пат, во октомври, таа избега од дома откако се вљубила. Маја преку „Фејсбук“ се запознала со некое момче, Албанец по националност, од Скопје. Се вљубила и еднаш избегала од домот, но по неколку дена по пријавата в полиција се вратила.
Второто бегство го направила неколку недели подоцна. Мајката Марица раскажуваше дека Маја прво ја зааклучила во собата, па се качила во автомобилот.
– Отиде кај автомобилот и се обиде да го запали, но не палеше. Ме виде дека излегувам и избега, само чекорите ѝ ги видов. Отидов надолу да ја барам, но трага не најдов – велеше нејзината мајка.
Се претпоставуваше дека повторно заминала кај своето момче во Скопје. Но тој тврдеше дека таа не стигнала кај него. Нејзината баба, пак, раскажуваше дека успеала да ја добие на телефон. Маја ѝ рекла дека бегаат преку Бугарија. Нејзиниот мобилен беше недостапен, а последен пат беше лоциран во областа на Дебарца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.