| четврток, 6 декември 2018 |

Згаснува Факултетот за јавна администрација во Битола

Факултетот за јавна администрација и менаџмент на информациски системи од Битола (ФАМИС) ќе згасне по шестгодишно постоење, објави Радио Слободна Европа.

Од битолскиот универзитет ја потврдиле оваа информација и велат дека Владата одлучува кога некој факултет ќе престане со работа доколку на пазарот има голем наплив на дипломиран кадар.

– Како универзитет секогаш се трудиме да ги штитиме нашите интереси. Во однос на институциите кои се отвораат или затвораат на нашиот универзитет, главно имаме основачи и на универизтетот и на институциите. Владата е таа што носи одлуки во согласност со нејзината политика за некои институции дали има потреба на пазарот. Ако сметаат дека многу кадри од некој профил, тогаш носи одлука тие или да мируваат или да бидат укинати – изјави ректорот Златко Жоглев.
Но, иако овој факултет згаснува, ќе биде отворен нов. Четириесетината вработени од ФАМИС нема да останат без работа, туку ќе добијат други работни места на битолскиот универитет, соопшти ректорот.
– Со укинувањето на Факултетот  за јавна администрација и менаџмент на информациски системи се отвора нов факултет кој според потребите на пазарот е во оние барани струки. Тоа е Факултет за компјутерски науки и информациска техологија, кој веруваме дека понатаму ќе помогне за афирмација на нашиот универизтет. Сите вработени од ФАМИС ќе бидат згрижени, тоа е веќе договорено и влезено во законот кој е во процедура – додаде Жоглев.
На новиот Факултет за компјутерски науки е предвидено да преминат програмите по информатика и компјутерска технологија на ФАМИС и Техничкиот факултет од Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top