| четврток, 6 декември 2018 |

„Страв од летање“ – книга која од корен го смени поимањето на сексуалноста

Милионските тиражи и ги донесе експлицитното третирање на сексуалните фантазии

Неуморната Исадора Винг не бара многу од животот. Таа само сака да биде слободна и да пронајде идеален партнер, совршен љубовен спој, без чувство на вина или какви било стеги. Во текот на патувањето меѓу два континенти таа ќе открие колку понекогаш е тешко да се остварат соништата… Романот „Страв од летање“ од Ерика Јонг е објавен во 1973 година и веднаш стана светска сензација. Новата генерација жени низ светот во Исадора Винг се препознаа себеси. Желни за слобода, тие го голтаа романот за жената која најде излез и која во сексот ужива како маж, самоуверено и неоптоварено.

– Обичните жени, што никогаш не читале романи, ја читаа мојата книга и ми велеа дека тоа е нивниот живот, како сум знаела – се присетува авторката, кој во едно свое интервју за „Гардијан“ гордо посочи дека во тоа време психијатрите на своите пациентки им го препорачувале романот.

Книгата полека, но сигурно прерасна во вистински феномен: за една година изби на прво место на бестселери на „Њујорк тајмс“, а следуваше и светска популарност бидејќи книгата е преведенa на 40 јазици и продадена во неверојатни дваесет милиони примероци.

Ерика Јонг е родена во 1942 година во Њујорк, како средна ќерка во богато, боемско и помалку невротично еврејско семејство. Нејзиниот татко Симор Ман бил тапанар и композитор, кој ја напуштил музиката и почнал сопствен бизнис – произвотство на фигури од порцелан. Мајка ѝ, Еда Мирски, ќерка на доселеник од Одеса, била дизајнерка и сликарка, која секогаш огорчено велела дека би била повеќе славна и ценета доколку била маж, а Ерика тврди дека токму поради мајка си станала феминистка уште во раната младост. Можеби нејзината мајка се чувствувала запоставено, но на нејзиното семејство навистина не му недостасувало ништо: имале доволно пари, живееле во огромен стан во елитниот дел на Менхетн, престојувале во луксузниот хотел „Грити“ во Венеција кога патувале во Европа, а, сепак, биле благо левичарски настроени и верувале во слободна љубов.

– Најважно од сѐ е што ми дале величенствен дар: слободата да го кажам и да направам тоа што сакам, а да не се откажат од мене поради тоа, ќе рече подоцна Ерика, која покрај привилегираното детство, добила и врвно образование. Бидејќи отсекогаш многу читала, особено руските романи, кои и биле омилени, пишувала поезија, Ерика избира да студира книжевност на угледниот колеџ „Бернард“ и магистрирала на  англиска книжевност од 18 век на Универзитетот „Колумбија“.

Исадора Ванг, всушност, е сестрата на Ерика

Во натпис на „Њујорк тајмс“ во 2008 година е разоткриена тајната дека сестрата на Ерика, Сузана Даоу, признала дека „Страв од летање“ всушност го разоткрил нејзиниот живот додека живеела во Либан. Сузана „полудела“ кога се објавила книгата, особено на улогата на сопругот на сестрата на Исадора. Имено, во романот сестрата на Исадора, Ренди, е омажена за Пјер, кој им се додворува на двете жени и на нивните две сестри. „Тоа не е роман, тоа е биографија. Многу непријатности се најдоа во таа книга. Но, ѝ простувам за сѐ, освен за оној дел каде напишала дека мојот сопруг ѝ се вовлекол во креветот бидејќи тоа не е точно“, раскажува Сузана Даоу.

Јонг ги отфрли тврдењата на сестра ѝ велејќи дека секое семејство има свој лудак.

 

И еве нѐ сега во 2013 година. Четириесет години по првата објава на „Страв од летање“, а најпопуларен литературен жанр во светот е еротскиот роман. Го пишуваат жени со „живописни“ имиња, како Ерика, Саманта, Силвија… Верувајте ми, не ве интересираат презимињата. Четириесет години откако Ерика Јонг го утапка патот на еманципацијата и им „дозволи“ на жените да имаат секс без обврски исто како и мажите, а што е уште поважно им покажа на жените дека може да се биде личност, а не само жена, не само пол. Во 1973 година по десет обиди да напише роман, младата поетеса Ерика Јонг зад која беа две објавени стихозбирки, конечно, го објави „Страв од летање“ и „точно“ го погоди вториот бран феминизам кој во САД почна во почетокот на шеесетти години. Во првиот бран феминистките се бореа за еднакви права на половите пред законот – главно за право на глас и на имот, додека во вториот бран се дебатирало и пошироко: за сексуалноста, семејството, работното место, законите кои би го дефинирале силувањето во бракот, центри за згрижување на жени жртви на семејно насилство, промени на прописите за развод и старателство на децата…

Ерика во песната на Боб Дилан

Ерика Јонг на 31 година непланирано станува поп-икона. Не била подготвена на чудни телефонски повици и мажи кои директно по излегувањето од затвор ѝ кампувале во дворот. Таквиот вид слава не ѝ изгледал реален. Но, имало и убави нешта, како што е песната на Боб Дилан „Highlands, од неговиот триесетти студиски албум „Time Out of Mind” (1997), најдолгата студиска снимка на Дилан која трае 16 минути и 31 секунда. Насловот на песната е позајмен од поема на шкотскиот поет Роберт Брнс (My Heart’s in the Highlands), а во неа ги споменува Нил Јанг и Ерика Јонг.

– Тажно, но вистинито е дека сум експетиментирала со многу нешта, но во суштина сум моногамна и морална личност. Повеќето мои врски се моногамни. Мошне сум приврзана и верна. Сакам интимност која може да се почувствува со друга личност, појаснува Ерика која по четврти пат се омажи во 1989 година.

Ако појдеме од хипотезата дека литературата е одраз на стварноста и дека во фикцијата може да се препознаат културните обрасци на секојдневието, тогаш сосема е јасно дека „Страв од летање“ дојде и отиде, а и понатаму преовладува романтичниот мит за девојката што ја ослободува момчето.

– Сексот денес е помалку слободен отколку порано бидејќи стана дел од поп-културата. Во ред е девојките да се слободни, но бидејќи се слободни на нив се гледа како на проститутки, а тука се и советите од женските магазини: „сто начини како да го излудите во кревет“…Малубројни се државите кои одобруваат девојките да бидат слободни онака како што беше Исадора пред четириесет години, во 70-тите, 80-тите, кога владееше „златното доба на сексот“. Женската слобода посрамено се повлече пред новиот конзерватизам, вели Ерика.

Така денес звучи Ерика Јонг, која во далечната 1973 година го шокираше светот со својот дебитантски роман „Страв од летање“, приказна за млада жена која се обидува да сфати каде оди. Во основата на приказната е созревањето на писателката и доста автобиографски елементи, но тоа не е она што го привлече вниманието. Милионските тиражи и ги донесе експлицитното третирање на сексуалните фантазии, особено оние со странец, лишен од минато и иднина, и разговор…Хенри Милер на оваа книга и предвиде посебно место во историјата на книжевноста и утврди дека поради неа „жените ќе ги пронајдат своите гласови и ќе ни подарат големи саги за животот, радоста и авантурите“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top