| четврток, 6 декември 2018 |

Каде исчезна убавата традиција на пишување новогодишни честитки

Го живееме времето на компјутерите и интернетот но, сепак има и почитувачи на старата традиција, рече вработен во пошта.

Осумгодишно девојче денеска ги избра честитките со кои ќе им ја честита новата година на другарчињата од своето одделение и на роднините. Тие беа најубавите на тезгата. Од нив Дедо Мраз се насмевнуваше и речиси на сите ја носеше торбата полна со новогодишни подароци на својот грб или на санката со ирваси.

Оваа честитка ќе му ја испратам на Дедо Мраз и на неа ќе ја напишам мојата новогодишна желба. Ќе го очекувам да дојде во новогодишната ноќ за да го остави подарокот под мојата елка. Не можам да ви ја кажам мојата желба затоа што таа е тајна, ќе ја знаеме само јас и Дедо Мраз и ќе видам дали тој како и во претходните години навистина ќе ми ја оствари, вели девојчето.

Пред да ги оставам со мајка и да завршат со изборот на сите честитките за нејзините другарчиња и за братучедите, таа ни открива дека секоја година пишува честитки од неа лично од нејзиното семејство.

Дека сосема не престанала добрата стара традиција на пишување новогодишни честитки тврдеа и продавачите. Тие годинава обичните ги продаваат од 2 до 5 денари и честитките во коверт за 20 денари.

Задоволни сме од продажбата, секоја година ни се враќаат старите добри муштерии, децата. Тие најмногу уживаат додека избираат честитки. Се разбира, задолжително на нив треба да го има ликот на Дедо Мраз, потоа подароците, и снегот. Јас се прилагодувам на овие барања и така го правам изборот на честитките, рече една од продавачките.

Во разговорот се вклучија и останатите кои освен честитки продаваат елки, новогодишни лампиони, украси, гумени балони и задолжително Дедо Мраз. Скоро сите констатираа дека побарувачката од година во година е се помала. Најзадоволни се сепак продавачите на честитки.

Да бидам искрен, најсреќен сум кога дете купува честитка. Ги гледам додека избираат и знам дека тие нема да дозволат никогаш да се прекине традицијата на пишување на честитки. Интернетов прави чуда. Електронските честитки ни го намалија прометот, но пак ке речам додека има деца ќе има и честитки, вели продавачот на честитки.

Во зградата на поштата ја нема вообичаената новогодишна гужва. Пред десеттина години шалтерските работници едвај стигнуваа да ги примат сите новогодишни честитки, а поштарите навреме, пред новогодишната ноќ да ги однесат на адресите. Ги прашавме како е сега.

Доаѓаат граѓаните и праќаат честитки, но не во толкав голем број како порано. Го живееме времето на компјутерите и интернетот но, сепак има и почитувачи на старата традиција, рече вработен во пошта.

Неговото мислење го споделија и дел од граѓаните кои беа присутни во зградата. Најубавото празнично чувство дека се испраѓа старата и се влегува во Нова година сепак се доживува кога се пишува и некому се честита или се добива новогодишна честитка.

Со напредокот на технологијата комуникацијата меѓу луѓето доби поинакви димензии. Се се сведува на СМС-пораки, електронска пошта „Фејсбук“ итн.
Добрите стари новогодишни честитки напишани рачно и испратени по пошта делуваат патетично и за нив денеска во услови кога постои електронска пошта и СМС-пораки, се зборува со потсмев. Но, може ли воопшто нешто што за себе го врзува епитетот „електронско“ да биде романтично?

Пренесува ли хартијата поавтентични и посилни емоции во кои се втиснати и отисоците од прстите на испраќачот, но и отисоците од емоциите?
Овој начин на комуникација ја намалува инвентивноста и се почесто се користат т.н. „готови пораки“ кои едноставно „може да завршат работа“-што е уште пострашно.

За мене пораката што е напишана со свои зборови е онаа вистинската. Тој што сака да ти прати порака треба да биде искрен и да ја пишува од срце и од тоа ќе заклучам што навистина тој чувствува. Лично не би се израдувала да добијам порака што веќе ја знам или ја имам видено, бидејќи сметам дека вистинската порака доаѓа од срцето, вели Елена.

Од новата година само неколку дена. Уште толку време ни останува на сите да ја напишеме својата новогодишна честитка и некому да ја испратиме. Не мора секогаш тоа да биде Дедо Мраз, нели?

А поштенското сандаче на Дедо Мраз оваа година буквално ќе експлодира, бидејќи пред Божиќ на негова адреса стигнаа околу осум милиони писма од сите краишта од светот.

Бројката, утврдена врз основа на анкетите спроведени во земјите членки на Универзалната поштенска унија (УПУ), далеку го надминува бројот од шест милиони писма од 2007 година, кога последен пат беше објавено слично истражување.

Неколку пошти, посебно во Канада, Франција, Шпанија и Ирска, бележат зголемен број на писма во споредба со 2012 година.

На Дедо Мраз му пишуваат деца, млади и тие што не се толку млади, посочува УПУ.

Во некои земји, поштите имаат служба која одговара на тие писма, на кои најчеста адреса е Дедо Мраз, Северен Пол.

Најмногу писма до Дедо Мраз, над еден милион, испраќаат Французите, потоа Канаѓаните и Американците. Следат Бразилците (964.000), Британците (800.000), Финците (550.000), Русите (350.000), Германците (300.000), Ирците (130.000), Португалците (100.000) и Грците (80.000).

Во Канада Дедо Мраз има дури и посебен поштенски фах: ХОХ ОХО.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top