| четврток, 6 декември 2018 |

Стево Пендаровски кандидат на СДСМ за претседател!?

Црвенковски и Ахмети пред договор

Професорот и екс советник на Бранко Црвенковски нема никаква пречка да биде кандидат за претседател на опозицијата откако изминативе десетина дена со успех се привршени разговорите меѓу претставници на СДСМ и ДУИ поточно меѓу луѓе од доверба на Црвенковски и Али Ахмети. За најголемата партија на Албанците во Македонија, Стево Пендаровски е соодветен кандидат затоа што токму тој како прв човек на Државната изборна комисија во 2004 го верификуваше изборниот фалсификат за избор на Црвенковски. Тогашниот шеф на државата беше избран со поддршка на албанските гласови а тој договор претходеше на најкатастрофалната одлука на СДСМ за Законот за територијална поделба.

Пендаровски кој предходно беше еден од најблиските соработници на покојниот Борис Трајковски кој веднаш по премолчувањето и озаконување на изборниот фалсификат во 2004 стана еден од главните играчи во кабинетот на Црвенковски и човек од негова највисока доверба. Дел од оние кои што своевремено работеле во кабинетот на Црвенковски велат дека токму Пендаровски бил човекот кој ги вршел најсложените и најнечесни замисли на Црвенковски. Тој е човекот кој на ДУИ им ветувал решение за името и притисок кон кохабитационата влада на ВМРО ДПМНЕ доколку Ахмети на терен ги наполни кутиите и  даде поддршка за изборот на Црвенковски за претседател.

Делот на СДСМ под контрола на партискиот лидер Зоран Заев и потпретседателката Радмила Шекеринска немале друго решение. Причина за тоа е нивната послушност, односно слепото почитување на одлуките на екслидерот Црвенковски. Во неколку наврти досега се испоставило дека Црвенковски сѐ уште го има главниот збор во СДСМ, иако на чело на партијата е струмичкиот градоначалник Заев.

Иако Пендаровски во последното интервју за Пресс 24 во однос на претседателските избори вели дека за тоа прашање до сега нема разговарано со ниту еден политички субјект, оценувајќи ги објавените информации како шпекулации, сепак судејќи според неговите одговори во интервјуто јасно е дека тој полека ја најавува кандидатурата, а тоа го потврдуваат и информациите кои ги пренесува Република дека со успех се завршени преговорите помеѓу Црвенковски и Ахмети.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во јавноста неодамна излезе со став дека СДСМ бара натпартиски кандидат за претседател, а Пендаровски не може да се смета за таков бидејќи тој е претседателот на Советот за безбедност и НАТО евроинтеграции на СДСМ. Сепак, партиски извори коментираат дека Заев нема избор, бидејќи Пендаровски е наметнато решение од страна на Бранко Црвенковски.

На Заев и Шекеринска, кои се немоќни да се спротивстават на ова наметнато решение, им преостанува покорно да ги слушаат инструкциите на Црвенковски, кој за кандидат за претседател на опозицијата избра свој лојален човек. Моќта на екс претседателот во партиските структури е една од главните причини поради кои Заев и Шекеринска ќе мора да се помират со ваквиот избор.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top