| четврток, 6 декември 2018 |

Селекторот Јаневски – стратег и мотиватор

Интервју со македонскиот фудбалски селектор Чедомир Јаневски, објавено во 3-от број на неделникот „Република“ (21 септември 2012)

Cedomir-Janevski-1

Новиот македонски селектор е атипичен, фудбалски несекојдневен, премногу чесен и скромен, мирен, а, сепак, со експлозивен спортски нерв. Нема израз, тешко се наоѓа некаква лесно прифатена и практикувана формула што го опишува Чедомир Јаневски. И како играч и како тренер и како човек. Или како сублимат.

 

Има една урбана легенда во делот од главниот град над кој се надвиснала Скопска Црна Гора, која вели дека никој откако се игра фудбалот овде немал толку искрени навивачи колку Четка, како што го нарекуваат во некогашната населбата Синѓелиќ. Велат со сето срце, без задршка, низа години и како „вардарец“ и подоцна како интернационалец несебично им помагал на роднините, пријателите, другарите, соседите. И сега, во денешен Ченто, има живи сведоци што ќе се заколнат дека нивниот Чеде е човек и пол и дека како него ниту има, ниту ќе се роди.

Јаневски: Потекнувам од сиромашно семејство во кое татко ми, покоен Благоја, беше возач во ЈСП, а мајка ми Лена домаќинка, која се грижеше за мене и за сестра ми. Од мал ме учеа да бидам чесен, да помагам колку се може, почитта да ја заслужам со однесување. Кога брзо, на 18 години од Скопје поминав во Вардар и потпишав стипендиски договор, дојдов во ситуација да заработувам и некако беше природно да се поддржат тие што ми беа блиски – се сеќава Јаневски без намера да го нагласува тоа, иако во форма на предание жителите на тој дел од Скопје раскажуваат дека во еден долг период тој, во вистинска смисла, издржувал многумина.

Cedomir-Janevski-2

Прво напаѓач
На почетокот од кариерата Чеде Јаневски играл во нападот како класичен шпиц. Веројатно така и ќе се градеше ако на тренерот Лука Палиќ во ФК Скопје, поради отсуства на повеќето стопери во даден момент, не му беше итно потребен централен напаѓач. Еден меч како либеро и веднаш на „Автокоманда“ сфатија дека имаат бисер. Техника и скочност во корелација со брзина и со преглед на игра, кои се неповторливи. Селекторот вели дека и во моментов во репрезентацијата имаме фудбалери од таков профил, а тој ќе се потруди да станат и таков калибар.

Велат домот и генот влијаат на определбите со огромен процент, а коцките од животниот мозаик на Јаневски го составувале и времето во кое фудбалот бил единствена евтина забава за децата и близината на игралиштето на ОУ „Крсте Мисирков“. Кога излегуваш од сопствениот двор и стапнуваш директно на бетонско игралиште со стативи, тешко дека во раната фаза од животот размислуваш да станеш уметник, инженер, фармацевт или економист.

ЈаневскиЦели денови во игра. Тоа ми останало во сеќавање. Среќа што теренот е така поставен за да биде прегледно, па можев да видам кога татко ми се враќа од работа за пред него да се шмугнам дома. А, за родителите во тоа време, се знае, прво и единствено беше училиштето. И немав ништо спорно со тоа иако уште на 14 години се виде дека ќе бидам фудбалер.

Cedomir-Janevski-3 Cedomir-Janevski-4

Откриен како талент од Мишо Малцов, спроведен во некогаш „страшната“ пионерска школа на Вардар и веднаш проследен во Скопје на калење. Четирите години во Автокоманда, веројатно, и ќе се одолжеа да не се заинтересира белградски Партизан. И потоа позната сторија за вардаровата шампионска генерација, за фудбалската еуфорија што ѝ се случи на Македонија. 25 години оттогаш, прекрасни спомени, нераскинливи врски, за навек.

ЈаневскиДарко (Панчев) ми е кум, со Вујо (Станојковиќ), со Боби (Бабунски) сум постојано во контакт. Со сите други сум супер иако далечината си го направи своето. Ако некого треба посебно да издвојам тоа се Ѓоре Јовановски и Кочо Димитровски бидејќи беа фантастични кога дојдов во паркот. Ме примија како свој, многу ми помогнаа. И сега ги почитувам и како луѓе и како тренери, кои разбираат фудбал со модерни идеи, со визија.

Само фудбал, ништо друго
За разлика од многумина од шампионската генерација на Вардар, од неговите репрезентативни колеги од поранешната земја (пет натпревари за СФРЈ з.а) или од македонската селекција за која одигра само два меча, Чеде е посветен само на фудбалот. Никогаш не размислувал за кафетерија, ресторан, фабрика, бутик, агенција. Смета дека тоа само би го одвлекувало вниманието од најважната работа со опасност таа да стане споредна.

Основната цел на Јаневци отсекогаш била со работа, со сопствен труд да заслужат почит во околината, а тој чесен пристап е главна идеја и во животот на Чеде. На 51 година, рано е за сумирање и има уште многу амбиција. Кога, сепак, лентата, таа животната, врти, сликите се позитивни. Од Центар кај „Рајко Жинзифов“, преку веќе споменатото Ченто, повторно најурбаниот дел на Скопје и натаму. Бриж, Шарлероа, Истанбул, Локерен, Атина, Белград, Кипар, Емиратите…

ЈаневскиФилозофијата ми е сведена на работа и на почитување на сите иако знам дека има луѓе камелеони, секаде ги среќавам. Парите што ги заработив и успесите што ги постигнав не ме променија, не ме сместија во облаци. Не е тоа за мене и се обидувам моето мото да го пренесам во семејството. За среќа, сопругата Надин и синовите Александар (19 години) и Никола (17 години) се слични по карактер. Таа белгиско-македонска компилација функционира добро, можеби, и затоа што Надин вредно му е посветена на домот. Добро за атмосферата е и тоа што не се меша во фудбалските работи зашто и самата признава дека не разбира.

Cedomir-Janevski-5

Искуството што нашиот сегашен селектор го здобил на разни локации и во фудбалот и во животот, уште повеќе го уверило дека вложеното секогаш се враќа. Затоа кога за нешто ќе се зафати се труди да биде фокусиран сто проценти. Ништо не може, не смее да му одзема внимание. Политика не разбира, не е определен, сака македонска музика, слуша и гледа и наши и белгиски медиуми. Сега ќе биде поинаку.

Впрочем, по седум-осум години меркање, барање, пронаоѓање, застана таму каде што сите го гледаа одамна. Новиот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиовски по изборот веднаш и без дилеми се обрати кај Јаневски, а договорот падна по пет минути.

ЈаневскиЗа мене е врв на кариерата што сум селектор на Македонија. Имав и други постигнувања и трофеи, играв и водев големи екипи, но сега сум на местото од кое можам да влијаам на напредокот, на фудбалските текови во мојата земја. Едно е да се работи за егзистенција, друго е да се нафатиш на нешто со многу желба. Во моментов и да стигне понуда од европски мегаклуб и нека биде финансиски тешка со милиони, јас не мрдам. Ќе го почитувам договорот не затоа што е тоа потпис на парче хартија, туку затоа што презедов одговорна работа.

Cedomir-Janevski-6

Близок со Македонците
Чеде Јаневски повеќе од две децении со мали прекини живее во белгиското гратче Вилворде, близу до Бриж. Со Македонците на привремен или со постојан престој во кралството се среќава за време на нашите државни празници, кога Амбасадата на РМ или друштвата организираат средби, или на семејните прослави кога кругот е потесен. Јаневски имаат многу пријатели од различни националности, кои се родум од овие краишта, а најблиски се со уште еден поранешен македонски репрезентативец, Игор Саша Николовски.

Од Чеде Јаневски тешко се извлекуваат лични и промотивни моменти или ставови за нешто друго освен за фудбал. Во секоја ситуација ве враќа на правоаголникот. Тука му се концентрирани сите амбиции, сите надежи, а тие кореспондираат со тие на македонските навивачи. Не се расфрла со проекции, места, позиции, пласмани. Сака да биде реален, да нѐ смири сите за двете партии кои, по подолго време, нѐ направија горди.

ЈаневскиДа не се залетуваме зашто атерирањето може да биде болно. Групата е тешка, тоа го знаете сите. Сега ми е важно да го сменам амбиентот и менталитетот. Да здобиеме самодоверба и меѓусебна доверба. Јас не сакам да губам ниту во мало и сакам тоа да го прифатат сите што ќе бидат повикани во репрезентацијата. Немам илузии дека со мене почнува или завршува македонскиот фудбал, ме интересира само каде ќе бидеме за една или две години. Невкусно е да ветам Светско првенство во Бразил или Европско во Франција, сакам големо првенство, но тоа ќе мора да дојде по природен пат, со континуиран пораст.

Изјава на неделата
Хрватите останаа изненадени од изјавата на Чеде Јаневски кога на прашањето дали се плаши пред мечот на „Максимир“ рече дека би се плашел само кога би играл во Сирија. Брзината во мислата, инвентивноста и атрактивноста на изјавата, па веројатно и тоа што нашата репрезентација беше одлична во средбата што несреќно ја загубивме, а тој демонстрира големо тренерско чувство, придонесоа таа подоцна да биде прогласена за изјава на неделата во повеќе хрватски медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top