
Култната претстава „Чија си“ по пауза од 23 години се враќа на редовниот репертоар на Драмски театар. Претставата, која ја режираше Љупчо Ѓорѓиевски, а ја напиша Сашко Насев, премиерата ќе ја има в петок.
Во претставата играат: Анастас Тановски, Благој Чоревски, Лазе Манасковски, Ванчо Петрушевски, Ленче Делова, Силвија Стојановска, Марија Кондоска, Ѓокица Лукаревски, Ѓорѓи Тодоровски и Душица Стојановска.
Во новата претстава „Чија си“ се прикажани животните патишта на луѓе од периферијата на градот во одумдесеттите години од минатиот век.

– Оваа драма е песна и приказна за локалните бендови, кои пееја на македонски во старо време, а суровите момци беа „закон“ по перифериите на кој било град лоциран од Виена подолу на картата на Европа. Таа мала и стара драма „Чија си“ создадена пред толку време, во која живеат Чкембарот, Фабијан, Менка, Ристо, Киро Стап, Ринго Шатката, Верче и сите тие „луѓе со златен заб“, гости на банкети и свадби, заедно со Ацо и Нина, како да пловат во некоја дупната „лаѓа“ низ историјата. Претставата и денеска личи на млада и нерасцутена драматургија, ама и на зрела и верна слика за нас. За нас малите луѓе од едно време, кои сè уште ги има и во дваесет и првиот век и на „Фејсбук“. Тие мали луѓе и еснафи, матуранти, пензионери и борци за добар живот и подобар свет имаат во себе една голема страст. Страста да го драматизираат и да го слават животот. Оној обичен и тукашен живот, полн со изненадувања. Сакам да верувам дека сите би сакале публиката да се забавува со новата „Чија си“ на Драмски театар како што ние се забавуваме гледајќи какви сме биле некогаш и колку сме сè уште наивни иако бели во косите – вели Насев.
Протагонисти во претставата се истите тие луѓе 30-тина години подоцна, кои врз себе го носат багажот на еден поранешен систем, на една поранешна држава, на еден поранешен живот, на еден поранешен свет, на кој припаѓале, се распаднал, а нов не доизградиле.
– Поранешното станува реалност во која живеат и се обидуваат преку деконструкција на минатото да ги редефинираат своите постапки. Во тој лавиринт се загубиле многу вистини, згаснале многу соништа и пропаднале многу надежи. Очајнички е секој обид што било да се поправи – минатото е непроменливо. Останува само покајанието зошто не се сакавме доволно, а тоа е единствениот начин да се симне товарот на бившото и да се зачекори напред – вели режисерот Љупчо Ѓоргиевски.
Првата изведба „Чија си“ ја имаше во 1991 година, а режисер беше сега веќе починатиот Димитар Станковски и имала 183 изведби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


