
Се чувствувам многу близок со вас
Нобеловецот Орхан Памук, турскиот писател, е добитник на меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која ја доделува оваа издавачка куќа под покровителство на Владата на Македонија, и од денеска е во Скопје.
– Благодарам што сум тука, во мојата омилена земја Македонија и огромна благодарност до „Табернакул“, кој ми ја додели наградата. Македонија и Турција се пријателски земји и сите деца во Турција знаат дека таткото на модерната Турција, Кемал Ататурк, е роден во Битола. Сите се добро информирани за вашата земја. Ние имаме многу сличности – во начинот на живот, во уредувањето на ентериерот, животните навики. Во македонскиот јазик има многу турцизми. Јас се чувстувам многу близок со вас. Моите читатели знаат дека јас 40 години пишувам роман и секогаш наградите сум ги добивал за моето вкупно творештво. Првпат добивам награда за мојот последен роман – изјави денеска Памук, кој поради маглата, наместо во Скопје, слета во Приштина и оттаму директно дојде на прес-конференцијата.

Нобеловата награда ме поттикна да напишам уште повеќе романи
Орхан Памук е еден од најпознатите турски писатели, а неговите книги се преведени на педесет јазици и се продадени во седум милиони копии. Нобеловата награда за литература ја доби во 2006 година. Тој е третиот Нобеловец што доаѓа во Македонија. . Шејмас Хини е првиот нобеловец што дошол во Струга. Ирецот во 2001 година го освои „Златниот венец“, откако во 1995 година ја доби Нобеловата награда. Вториот е Швеѓанецот Томас Транстромер, кој го доби „Златниот венец“ во 2003 година, а Нобелова награда во 2011.
– Кога дознав дека сум добитник на Нобеловата награда, не знам зошто, изјавив дека оваа награда можеби нема да влијае на мене. Тогаш бев помлад и мислев дека оваа награда ја добиваат повозрасни писатели. Денес мислам дека не би реагирал така. Наградата ме направи славен, ме поттикна да напишам уште повеќе романи. Таа е и обврзувачка награда. Верувајте дека уште се борам да не го потиснам моето палаво дете во мојата душа – изјави Памук.
Неговите книги „Се викам црвено“ и „Музеј на невиноста“ ја освоија светската читателска публика и за овие дела е добитник на значајни меѓународни награди. Поради неговите политички ставови, заложбата за слобода на говорот, многупати бил во судир со политичкиот режим во Турција.
– Првите романи ги пишував со чувство на бес. Како романописец, ме интересираат темите на отфрлените и на оние што не можат да се интегираат во општтеството, или поинаку речено живеат покрај Европа. Јас пред 40 години се одлучив да пишувам и да живеам од тоа. Многумина пријатели, интелектуалци ми се чудеа на изборот. Човек ќе биде успешен само ако го работи она што сака да го работи и она што го сака неговата психа. За среќа, се обидов да ја успокојам мојата душа и овој смирен, избалансиран бес да го пренесам во романите – вели Памук.
Тој признава дека во неговата држава нема слобода на говор и постои цензура, но, како што вели тој, имал среќа никогаш да не работи во медиуми.
– Официјално, во Турција нема цензура, но можно е да бидете цензурирани ако пишувате колумна во некои медиуми. Слободата на изразување е на многу ниско ниво – рече Памук.
Александра М. Бундалевска
фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.