Двајцата лекари од Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје, Ј.Н. (45) и Н.П. (29), кои се приведени за примање 450 евра поткуп од пациентка, на која требало да ѝ го оперираат носот, се изведени пред истражен судија, објави Дневник.
Лекарот е познат оториноларинголог, а второосомничената имала статус на доктор- специјализант.
На почетокот од декември, според полицијата, тие на пациентка од Скопје ѝ барале 450 евра за да извршат две хируршки интервенции и тоа функционална операција на носната преграда и естетска операција на нос. Парите требало да им ги даде пред да бидат извршени хируршките интервенции.
По пријава на случајот во МВР и по дадените насоки од надлежен јавен обвинител, од страна на Секторот за корупција се преземени мерки. Парите што пациентката наводно планирала да им ги даде биле обележани.
– Бараните пари два пати во текот на декември пациентката ѝ ги дала на специјализантката Н.П., а биле наменети за д-р Ј.Н., кој требало да ги изврши хируршките интервенции – велат во МВР.
При личен претрес кај Н.П. се пронајдени девет банкноти во апоени од по 50 евра, кои претходно биле технички обработени, односно обележани. Според МВР, тоа се истите пари што пациентката ги дала.
– Kај Ј.Н., при претрес на неговиот дом и службените простории, пронајдени се одредени писмени прибелешки со лица и телефони, список со закажани операции и фотографии што би можеле да бидат од интерес за кривичната постапка – дополнуваат од полицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.