| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит предложи да се избрише придавката македонски во предлог-резолуцијата на ЕП

hovit-2

Известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент (ЕП), Ричард Ховит, поднесе најмногу амандмани на предлог-резолуцијата за нашата земја што самиот ја предложи, при што, меѓу другото, предлага и бришење на единствената придавка „македонски“ што ја употребува во овој предлог.

Крајниот рок за поднесување на амандмани на предлог-резолуцијата на Европарламентот во однос на последниот извештај на Европската комисија за Македонија, беше искористен за поднесување на вкупно 170 амадмани (лани имаше над 200-та), при што најмногу (45 амандмани) имаат поднесено грчки европратеници. Самиот Ховит, пак, е рекордер со 25 поднесени амандмани, од кои се чини предлага најсуштински измени на неговата предлог-резолуција, а најмногу боде очи амандманот за измена на параграфот 14.

Во предлог-резолуцијата пред два месеца, во параграф 14, Ховит меѓудругото предложи дека: „изразува загриженост дека помалку млади етнички Албанци го изучуваат македонскиот јазик, што доведува до продолжување на поделбата и потенцијален конфликт долж етничките линии меѓу децата на училишна возраст“.

При презентација на предлог-резолуцијата Ховит појасни дека придавката „македонски“ ја употребува само еднаш и тоа во овој случај, со цел да не предизвикува тензии кај некои на кои тоа не им се допаѓа. Но, во амандманот број 89, британскиот европратеник предлага измена каде горенаведената реченица ја заменува со следното: – Изразува загриженост дека помалку млади луѓе се чини дека го изучуваат јазикот на другиот и бара акција по ова прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст, се наведува во новиот предлог на Ховит.

Токму на овој параграф, очекувано, се однесува и голем дел од поднесените амадмани на грчките европратеници, кои за разлика од лани, сега повторно го презедоа приматот за менување на предлог-резолуцијата за Македонија. Сепак, зачудува обидот на известувачот од ЕП за нашата земја да ја избрише единствената придавка „македонски“ од оваа Резолуција, ако се знае дека самиот постојано потенцира дека на негова иницијатива, оваа придавка што пред две и три години исчезна од извештаите на Европарламентот и Европската комисија е вратена во официјално оценување на ЕУ-институциите за македонскиот напреодк во евроинтеграциите.

Европратеникот Ховит интервенира во својот извештај и со други проблематични амандмани што ја менуваат сликата на предлог-Резолуцијата. Па, така, во амандманот 72 за измена на параграф 11 кој се однесува на оцените на ОБСЕ/ОДИХР на мартовските локални избори, Британецот предлага и да се вметне реченица дека „ЕП ја дели загриженоста за рамнотежата на медиумското покривање, на замаглувањето меѓу државата и партиски активности и/или неправилностите во врска со регистрација на гласачите од Пустец, Албанија“.

Нашиот известувач во ЕП предлага и вметнување на нов параграф 13 А, со повик дека го поддржува повикот на Комисијата за преглед на Охридскиот договор и „договорот да биде завршен и да почне спроведување на неговите препораки“. Ховит предлага и целосно бришење на параграф 17А, во однос на слободат ана изразувањето, каде сега тој се обидува да го вметне случајот со новинарот Томислав Кежаровски.

– ЕП верува дека последниот случај со притворениот новинар Томислав Кежаровски и други случаи, чии резултати единствено треба да се утврдат од страна на независното судство кое ќе работи според Европската конвенција за човекови права, може, сепак, да предизвика загриженост за можно остварување на селективна правда во земјата и сите релевантни власти треба да превземат ефикасни мерки за тоа да се избегне, се вели во оваа амандманска интервенција на Ховит.

Британскиот европратеник бара измена на сопствената оценка за полициската реакција при протестите и потребата за слободно здружување во рамки на параграф 20, па во 120 амандман се вели: „ЕП изразува загриженост за широко распространета и долга употреба на мерката притвор и за условите на затворениците; забележува случаи на непропорционална полиција во однос на демонстрации; повикува напорите за одржување на јавниот ред да бидат пропорционални и да го почитуваат правото на слободно здружување”.

Последната интервенција на сопствениот извештај, Ричард Ховит ја прави со амандманот 159 и предлог за нов параграф 25 Ц, каде се поздравува изборот на четири жени за градоначалници на последните локални избори и повикува на поддршка за понатамошна промоција на жените во јавниот живот и „прашува зошто беа усвоени важни измени на Законот за прекинување на бременоста од страна на Собранието во скратена постапка, без пошриока јавна дебата“.

Во однос на останатите аманмани, интересно е што зад 45-те грчки амандмани се 25 предлози за измена на Резолуцијата од страна на хрватски европратеници, а Бугарите кои лани не торпедираа со амандмани, сега поднесоа „само“ 21 предлог за измена, додека новина се Австриецот Андреас Молцер со дури 13 амандмани и Швеѓанецот Горан Фарм со пет амандмани на предлог-резолуцијата за Македонија.

Инаку, новата грчка канонада најмногу се однесува на параграфите каде Ховит во предлогот го повика Грчкото претседателство со ЕУ да направи се Македонија да ги почне пристапните преговори во следните шест месеци. Па, така, европратеникот Николаос Салавракос, кој поднесе вкупно 14 амандмани, бара „билатералните прашања да бидат опфатени во конструктивен дух што е можно побрзо, имајќи ги предвид принципи и вредности на Обединетите нации Организација и на ЕУ”.

Јоргос Кумуцакос и Мариета Јанаку бараат решавањена наметнатиот спор за името пред отворање на преговорите за членство, но им возвраќа Британецот Чарлс Тенок, кој со амандман 23 бара нов параграф 2 А на Резолуцијата, со кој ЕП ќе побара отворање на преговорите со Македонија за време на сегашниот состав на Европарламентот и Еврокомисијата (тоа е до април 2014 година).

Грците Салавракос, Кумуцакос и Јанаку бараат целосно бришење на параграф 6 и предлогот на ЕП дека „неуспехот на Европскиот совет за прогрес во евроинтеграцијата на земјата, го загрозува кредибилитетот на процесот на проширување на Унијата“. Хрватот Никола Вуљаниќ, пак, кој е известувач за Албанија од Европарламентот, има незгоден амандман 44 во однос на параграф 6А, каде предлага: – Имајќи го предвид албанското малцинство во земјата и, исто така, чувствителните билатерални прашања со другите соседни земји, особено Грција и Бугарија, ЕП забележува дека добрите односи со соседните земји се суштински столб на процесот на пристапување на земјата во ЕУ и бара повеќе конкретни резултати во соработката со цел да се воспостават добри меѓусоседски односи на трите страни: Атина, Софија и Скопје, предлага хрватскиот европратеник.

Вуљаниќ бара нов параграф 13 А и во амандманот 86, забележува дека „натамошното јакнење на политичкиот дијалог со албанското население во земјата претставува важен придонес кон регионалната стабилност и соработка“, а во амандманот 87 бара и „подобрување на правата на бегалците Роми и Ашкали од Косово“.

Во однос на бугарските амандмани, очекувано европратеникот Андреј Ковачев бара дополнување на параграф 9 и 9 А во однос на односите со Бугарија, каде бара заедничка прослава и одбележување на настани од „заедничката историја“, но и дека треба да се разговара за „јазикот“. Во амандман 67, Ковачев наведува дека „ЕП ја повторува својата загриженост во врска со употребата на историски аргументи во тековната дебата со соседите и подвлекува дека добрососедските односи се клучен критериум за процесот на проширување на ЕУ“.

Иако Холанѓанката Марие Корнелисен (Група на „зелените“) е единствена што заедно со Едвард Кукан (Словачка) и Чарлс Тенок (В. Британија) со 14 амандмани, во поголемиот дел вметнува „македонски јазик“, „македонски народ“ и „Македонија“, таа сепак со амандманот 93 во однос на измена на параграф 14, заедно со Гркот Хрисогелос бараат воведување на билингвализам во Македонија.

Во амандман 105 и 107, а во однос на параграф 16 од предлог-извештајот на Ховит, Бугаринот Ковачев и Финецот Туне Келам бараа поцврста лустрација и откривање на имињата на поранешните соработници со југословенската тајна служба, како и барање на досејата од архивот на тајната служба во Белград.

Словенката Тања Фајон има четири предлог-амандмани, од кои во амандманот 156 за воведување на нов параграф 25 А, Фајон инсистира на задржување на визната либерализација за македонските граѓани и притоа „ја поздравува намерата на новата коалициска влада во Германија, изразена во коалицискиот договор во однос на нивното национално законодавство за азил да ја прогласи Република Македонија за ‘безбедна земја на потекло’, со цел да се овозможи побрза процедура во справувањето со лажните азиланти“.

Второто разгледување на Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за Република Македонија, во рамки на Комитет за надворешни работи (АФЕТ) е закажано за 20 јануари 2014 година. Ден потоа, се очекува поголемиот дел од овие амадмани да бидат договорени како компромисни амандмани и АФЕТ да ја изгласа Резолуцијата, за која конечното одобрување ќе го дадат сите пратеници во Европарламентот на пленарна сесија во Стразбур, закажана за првата недела од февруари 2014 година

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top