Во 2014 година ќе се реконструираат 10 железнички станици, плус железничката станица во Скопје, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески за време на отворената владина седница денеска.
– Железничката станица во Скопје ентериерно ќе се уредува, ќе бидат поставени специјални рампи за лицата со посебни потреби и ќе се подигне платото на железничка станица. Со купување на новите вагони треба да се подигне платото за хендикепираните лица да имаат пристап – рече Јанакиески.
Најголем дел од инвестицијата ќе биде внатрешно уредување на Железничката. Со изготвениот основен проект според европските и националните стандарди, треба да се рехабилитираат приземјето, мезанинот и платформското ниво.
Се планира подигање на нивото на перонската платформа, поставување два нови лифта, замена на скалишните краци од мезанинот до платформата со нови, реновирање на чекалните, поставување нови информативни табли… Ќе се реновираат и влезот во станицата со пристап за лица со хендикеп и тоалетите.
Во однос на железницата, Јанакиески рече дека предвиден е и проект за електронско издавање билети. Тој нагласи дека се очекува во 2014 година изработка на проект за пруга од Кичево до Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.