| четврток, 6 декември 2018 |

По Кираца и акционери на „Фершпед“ тргнаа против Штерјо Наков

fersped

Откако Кираца Трајковска јавно ја започна кампањата против Штерјо Наков во „Фершпед“, поради наводни злоупотреби, сега и група акцонери застапувани од адвокат Венцислав Гушев со соопштение во јавноста и се придружија на нејзините барања.

kiraca trajkovska

Кираца Трајковска

Во јавниот допис се вели:

„Во името на носителите на пакетот акции од 35 %, како и подносители на барањето за вонредно собрание, сакаме да Ве информираме за сознанијата до кои дојдовме за досегашното нетранспарентно работење на господинот Штерјо Наков и неговите синови, кои предизвикаа сериозни оштетувања на акционерскиот капитал. Сакаме да напоменеме дека како сериозен долгорочен странски инвеститор купивме акции во „Фершпед“ А.Д. Скопје заради остварување профит преку работењето на компанијата и делењето на дивиденда во истата, при што својот профит не го гледавме врз база на шпекулативно берзанско тргување.

Нераспределената дивиденда од 1.676.000.602,00 денари, односно 27.262.000 евра со датум 31.12.2012 година не наведува дека финансиските заеми на фирмите-ќерки на Фершпед А.Д. Скопје, на други правни лица, како и на физичките лица, роднинско-пријателски поврзани со претседателот на Надзорниот одбор, господинот Штерјо Наков, биле вентил како се испумпуваат средства од  компанијата или дивидендата на акционерите, за што поседуваме обемна документација која ќе им биде доставена на сите акционери. Поради истото, а согласно новите законски одредби во Законот за трговски друштва, побаруваме на дневниот ред на собранието итно да се ангажира овластен независен странски ревизор за да го испита досегашното работење на компанијата.

sterjo-nakov

Штерјо Наков

Дополнително на претстојното вонредно собрание закажано на 10.01.2014 година ги предлагаме следниве мерки:

– Именување нов надзорен одбор, во кој ќе бидат вклучени претставници или членови на најголемите акционери во компанијата;

– Распределба на 80% дел од нераспределената досегашна дивиденда во висина од 22.030.000,00 милиони евра или 1.354.842.400,00 милијарда денари, и тоа на следниот начин:

а) Распределба на 40% дел од нераспределената досегашна дивиденда во висина од 11.015.000,00 милиони евра или 677.421.200,00 милијарда денари, поточно нето-исплата на акција по 37.400 денари или 608 ЕУР со исплата во готово, по точно утврден дивиденден календар, предложен и утврден на закажаното вонредно собрание, чијашто распределба нема да го наруши тековното работење на компанијата;

б) Распределба на 40% дел од нераспределената досегашна дивиденда во висина од 11.015.000,00 милиони евра или 677.421.200,00 милијарда денари, при што секој носител на акција ќе добие 1 (една) акција плус, по пат на нова емисија на акции, заради реално вреднување на потценетата вредност на акцијата на „Фершпед“ А.Д. Скопје;

– расправа за испумпување средства од компанијата, по пат на дадени заеми на физички и правни лица во висина од 1.102.631.000,00 денари или 18.000.000,00 евра, од кои има дадени заеми постари и повеќе од 5 години, кои до ден-денеска не се вратени;

– расправа за вложувањата во фирмите-ќерки на компанијата, а дел од истите се продадени за 10 пати помал номинален износ, без одлука на надзорен одбор, што е спротивно на одредбите од Статутот на компанијата;

– расправа за отпишаните заеми на физички и правни лица во висина од 5.500.000,00 ЕУР заклучно со датум 31.12.2012 година;

За да се спроведат сите предложени мерки, ја бараме Вашата поддршка. Воедно би истакнале дека со предложените промени „Фершпед“ А.Д. Скопје ќе стане компанија која ќе ги земе предвид интересите на сите акционери, а не само на одредени поединци од семејството.

ЗАКЛУЧОК

Би сакале со една реченица да Ви објасниме колкава е нашата заедничка моќ.

Ние, 436-те акционери заедно поседуваме 75 % од акционерскиот капитал на „Фершпед“ А.Д. Скопје, додека семејството Накови поседува само 25 %, при што господинот Штерјо Наков и неговите два сина се однесуваат со капиталот на „Фершпед“ А.Д. Скопје како да е фамилијарно наследена компанија (целосно функционирање на истата како да е А.Д. со еден единствен акционер).

Адвокат: Венцислав Гушев“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top