
„МЖ Транспорт“ и словачката фирма „Жос-Трнава“ денес потпишаа договор за набавка на 150 товарни вагони. Ќе се набават два типа на вагони, кои во мометов се најпотребни, отворени и плато вагони, а, според договорот, сите вагони ќе бидат доставени за 52 недели, односно за околу една година.
Договорот за набавка на вагоните го потпишаа директорите на „МЖ Транспорт“, Оливер Дерковски, и на словачката компанија „ЖОС Трнава“, Владимир Пор, во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Според министерот Јанакиески, 2014 година ќе биде година на инвестиции во железничкиот сектор. Покрај денеска склучениот договор, посочи Јанакиески, во тек е набавка и на шест нови железнички гарнитури за патнички превоз.
Директорот на „МЖ Транспорт“ истакна дека набавките се прв чекор за промени во железницата по повеќедеценискиот застој во инвестирањето. Од пролет 2015 година „Македонски железници“ ќе имаат комплетно обновен возен парк, најави Дерковски.
Со оглед дека за набавката на товарните вагони биле предвидени 15 милиони евра, но е избрана понуда со понизок износ, со останатите пари ќе се изврши набавка на уште 20 вагони.
„МЖ Транспорт“ располага со вкупно 950 товарни вагони во возна состојба, а особено значајно, според раководството, е набавката на новите плато вагони на кои ќе може да се стават големи контејнери и ќе се зголемат капацитетите на претпријатието.
Генералниот директор на „ЖОС Трнава“ вети исполнување на договорот и изрази надеж за натамошна соработка.
– Гарантирам дека „МЖ Транспорт“ ќе бидат задоволни од нашите производи. Се надевам дека ќе ја продолжиме соработката и дека ќе учествуваме и на следните тендери – рече Пор.
Со оваа ивестиција од 13.208.750 евра „МЖ Транспорт“ ќе добие 75 отворени вагони и исто толку плато вагони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се запали експресен воз во Германија, евакуирани 500 патници
-
Од Скопје до Солун само со автобус: Укината железничката линија!
-
Шилегов и МЖ промовираат вело-железнички јавен превоз, а Македонија останa без ниеден меѓународен воз
-
Македонските возови од наредниот месец нема да сообраќаат надвор од државава


