| четврток, 6 декември 2018 |

Сегашните мерки на СДСМ, ветувања и во 2002 година

sdsm

Повеќето мерки што СДСМ ги предлага во својата програма Решенија за Македонија се, всушност, повторени предизборни ветувања на партијата од 2002 година. Таа година СДСМ ја доби власта на основа на повеќе проекти што ги вети, а потоа не ги реализираше – објави „Економски“.

Слично како со мерката за поврат на 15 проценти од ДДВ на граѓаните, која се промовира сега, а која беше најавувана и тогаш и неисполнета откако го доби мандатот, партијата се чини дека ископирала многу од програмата што пред 11 години ја состави старото раководство, предводено од Бранко Црвенковски.

Мерките што ги ветува партијата денес во областите на економијата, инфраструктурата, образованието и социјалната политика личат или, пак, се исти со предизборните ветувања од 2002 година.

Еве споредба:

СДСМ 2002 година:

Поттикнување на полицентричниот развој на Македонија, со политика на современ просторен развој и подинамичен развој на недоволно развиените подрачја.

„Заради зголемување на мобилноста на работната сила, Владата на СДСМ ќе влијае врз подобрување на инфраструктурните услови и заживување и динамизирање на стопанските активности во помалите градски центри и селски населби. Особено ќе се поддржи развојот на земјоделството, преработувачките капацитети, туризмот и сл.“, беше најавено од партијата.

СДСМ 2013 година:

Партијата и годинава на граѓаните им ветува дека ќе се залага за развој на инфраструктурата, особено патиштата и поврзување на земјата.

– Целта е инвестирање во инфраструктура, најконкретно во патишта. Станува збор за изградба на систем на патишта со кои ќе се поврзат сите поголеми места во земјава, така што од едно до друго место ќе се стигнува за најмногу 90 минути. Тоа ќе ја направи Македонија речиси еден град, еден мегалополис. Не мора да живееш во Скопје и да имаш повисоки трошоци, ако можеш брзо и исплатливо да стигнеш од едно до друго место во земјава. Проектот превидува да се доправат и реконструираат патиштата, за патувањето низ Македонија да стане брзо и исплатливо. Предвидена е и дополнителна мрежа на автопатишта, односно изградба на Kоридорот 8. Во моментов целиот акцент е ставен на Kоридорот 10, а овој битен дел од патната мрежа се заборава – изјави Ванчо Узунов.

СДСМ 2002 година:

Пред 11 години партијата во делот на економскиот развој настапи со ветувања за кредитна, даночна и за надворешнотрговска политика во функција на поддршка на инвестициите во трудоинтензивните, но современи сектори, кои истовремено се пропулзивни и извозно ориентирани и ја зголемуваат побарувачката на квалификувана работна сила.

СДСМ 2013 година:

„Ќе финансираме од Буџетот изградба и опрема на капацитети за производство на репроматеријали, за преработувачки капацитети и откупни центри од 15 проценти од нивната инвестициска вредност. Ќе дадеме финансиска поддршка на компаниите што се извозници на конзервирани зеленчук и овошје за калибрирање на производството и за подобрување и користење на современа, атрактивна и заштитена амбалажа, за инвестирање во иновативни технологии (замрзнување и сушење) и во финалните производи (пакување, означување, во заштита на географско потекло, во заштита на автохтони производи (создавање заштитена марка, промоција). Буџетски ќе субвенционираме 30 проценти од транспортот на извозот на финални земјоделски производи и преработки од земјоделските производи. По пат на јавно-приватно партнерство ќе создадеме услови за изградба на фабрика за производство на вештачки ѓубрива и на тој начин ќе ги намалиме цените на вештачките ѓубрива“, ветува програмата.

СДСМ 2002 година:

Партијата вети донесување закон за насочување на дел од приходите од ДДВ според определување на граѓаните (за зголемување на вработеноста, екологија, социјални програми и сл.) заради стимулирање на плаќањето даноци.

СДСМ 2013 година:

Практично истата мерка, која тогаш не беше спроведена, се предлага и сега:

Воведување развоен данок

– Ќе овозможиме опција 30 проценти од данокот на добивка да се вложуваат во развојот на спортот, културата, науката и образованието. Тоа значи дека доколку фирмата има обврска за плаќање на данок на добивка од 100.000 евра, да има опција 30 проценти од оваа сума, или 30.000 евра да ги уплати во буџетот на државата или да ги уплати како донациски вложувања во развој на спортот, културата, науката или образованието. Што значи директна стимулација на дејности од корист за сите граѓани. За фирмите тоа ќе значи општествено вреднување и признание, како и бесплатен маркетинг и промоција;

– Спортистите, научните работници, вработените во образованието и културата ќе препознаат каква стимулација ќе значи оваа мерка.
Контролата на овие донации ќе биде редовна по однапред пропишана процедура.

Останува во сила решението кај данокот од добивка единствената даночна стапка да изнесува 10 проценти .

СДСМ 2002 година:

Во доменот на образованието партијата тогаш најави, но не спроведе продолжување на времетраењето на задолжителното основно образование со воведување нулта година.

СДСМ 2013 година:

Истото го ветува пред граѓаните и сега:

– Првата мерка е постапно воведување задолжително предучилишно образование од четири до шестгодишна возраст.

СДСМ 2002 година:

СДСМ ветуваше воведување минимална плата, но тоа не го исполни по добивање на мандатот.

Измени во Законот за плати, со цел да се утврди најниската цена на трудот, која нема да биде пониска од висината на социјалната парична помош што се исплатува на едно петточлено домаќинство.

СДСМ 2013 година:

Сега, откако актулената влада ја воведе минималната плата, раководстовто на партијата има неусогласени изјави околу тоа колку ќе ја зголеми ако дојде на власт:

Зоран Заев: „Нашата програма предвидува секој што работи надвор од јавниот сектор да има минимална плата од 450 евра. Тоа ќе го има и текстилниот работник, и занаетчијата, и земјоделецот“.

Шекеринска: „Ќе воведеме минимална плата од 10.000 денари“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top