
Долгата и мачна меѓудржавна кореспонденција за трансферот на криминалци фатени во странство преку институтот екстрадиција заминува во историјата.
Во иднина екстрадициските барања може да стигнат до надлежните органи на друга земја за неколку секунди, наместо за недели и месеци, колку што ѝ требаше на дипломатската пошта да ги достави за да почне постапката. Сега доволно е сите документи и судски списи потребни за екстрадиција да се испратат преку електронска пошта низ посебен сигурносен систем креиран од Интерпол, кој имаше своја промоција во Париз минатата недела.
– Направена е онлајн-платформа, која ќе биде од голема полза за државите. Со неа значително ќе се забрза преносот на барањата за екстрадиција со користење на новите сигурносни комуникациски канали на ИНТЕРПОЛ. Дванаесет држави се согласија да го тестираат во меѓусебната размена на информации за потребите на екстрадицијата – изјавија експертите на Светската безбедносна организација при презентацијата на која учествуваа 35 земји.
Први што ќе го почувствуваат благодатот на новиот систем се Австрија, Франција, Шведска, Швајцарија, Шпанија, Алжир, Канада, Австралија, Колумбија, Сингапур, Танзанија и Тајланд. Проектот сега е во фаза на тестирање и е фокусиран на дополнување на алатките за користење од страна на првите корисници, кои треба да го имплементираат во својот правосуден систем со што тој ќе стане реалност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


