Мерката поврат на ДДВ на граѓаните во висина од 15 отсто, која социјалдемократите ја впишаа во новата програма „Решенија за Македонија“, е мерка што исто така ја предвидоа и претходниците на новото раководство на СДСМ во 2002 година, пишува Дневник.
Во тогашната изборна програма на СДСМ предводен од Бранко Црвенковски во делот на економски реформи, како што пишува весникот, е наведено дека „владата на СДСМ преку реформа на даночната политика ќе обезбеди… донесување закон за враќање на дел од платениот ДДВ на потрошувачите што ги доставуваат сметките до Управата за јавни приходи за да се спречи сивата економија (која, според некои аналитичари, изнесува 50 отсто)“.
Ова значи дека мерката што неодамна беше промовирана, всушност, е мерка што СДСМ веќе требало да ја спроведе до 2006 година. По единаесет години од првата промоција на оваа мерка, новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, ја впиша неа во надградената „Решенија за Македонија“, на која работеле 60 надворешни соработници, и ја најави како новитет ако СДСМ ја преземе власта. Во тимот што стои зад програмата од 2002 година биле и Радмила Шекеринска и Игор Ивановски.
Во периодот од 2002 до 2006 година министри за финансии на владата на СДСМ беа Петар Гошев и Никола Поповски. Гошев, кој седеше во министерската фотелја од ноември 2002 до ноември 2003 година, вели дека неговиот мандат поминал во санирањето на огромната наследена дупка во буџетот.
– Тоа беше време на консолидација на големите буџетски дупки направени во претходните години, па немаше многу простор да се спроведува предизборната програма. Во 2001 година буџетскиот дефицит беше 7-8 отсто од домашниот бруто-производ, а веќе во следната година беше намален на 5,7 отсто. За една година моравме да го скратиме буџетскиот дефицит за цели 300 милиони евра, а тогаш тој износ вредеше многу повеќе отколку сега. Во тоа време немаше големи можности за надворешно финансирање затоа што ММФ, Светската банка и ЕБОР водеа координирана политика дека не смееме многу да се задолжуваме и беа многу построги по ова прашање отколку сега , изјави Гошев за Дневник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.