Секој Македонец должи просечно по 600 евра во банка, а македонските граѓани најмногу се задолжуваат во банка за потрошувачки кредити. Дури една третина од кредитите за население се земени за тековни трошоци на домаќинствата. Ако на тоа се додадат и кредитите од кредитните картички, произлегува дека половина од вкупната задолженост на граѓаните се должи на позајмици за основна егзистенција, за купување на предмети за домаќинствата, за плаќање сметки, за студирање и за одмори.
Просечната задолженост на Македонците е мала ако се анализира во споредба со другите земји- коментираат аналитичарите.
– Македонците се многу внимателни кога земаат кредити од банките и, во споредба со европскиот просек, ние сме на многу пониско ниво. Тоа, пред сѐ, се должи на конзервативната политика на банките, но и на свеста кај граѓаните, да трошат толку колку што имаат. Од аспект на структурата на кредитите подобро што задолженоста е ниска бидејќи потрошувачките кредити се трошат тековно за основни потреби, а не за инвестиции во недвижности или купување автомобили – велат економистите.
Македонците најчесто користат дебитни картички, а помалку кредитни. Годинава се издадени повеќе од 54.000 картички.
Компаниите бараат кредити за обртен капитал, а помалку за инвестиции
Банкарите се полни со пари, но сѐ уште се внимателни во давањето кредити, особено кон приватниот сектор. Од НБРМ нагласуваат дека во последната година банките се малку помалку ориентирани кон претпријатијата, а повеќе кон кредитирање на населението. Последната анкета покажува дека во третиот квартал од годинава банките остануваат претпазливи кога станува збор за кредитирање на компаниите, па во споредба со вториот квартал не ги олесниле условите за нивно кредитирање. И покрај строгите услови, банките до крајот на годината очекуваат зголемена побарувачка за кредити од страна на компаниите.
– Конкретно, оваа година кредитирањето на населението е солидно, расте со некаде стапка од близу осум проценти, додека кредитирањето на претпријатијата расте со стапка од околу еден процент. Тоа е резултат на сите овие години забавен економски пораст, проблемите кај нашите најголеми трговски партнери, а тоа е Европската унија и сето тоа создаде неизвесност, создаде влошување на состојбите кај одредени претпријатија и мал пораст на нефункционалните кредити. Затоа банките во овој период беа фокусирани на решавање на тие лоши кредити ти токму тоа решавање на тие лоши кредити влијаеше и на намалување на вкупниот раст на кредитите – изјави неодамна гувернерот Димитар Богов.
Ќе паѓаат каматите на кредитите
Банкарите ветуваат пониски камати в година.Според првиот човек на НЛБ Тутунска банка, стабилната макроекономска политика и ниската инфлација ќе го забрза кредитирањето. Новите мерки на Централната банка со кои нема да се плаќа камата на задолжителната резерва дополнително ќе го стимулираат кредитирањето преку ниските камати, нагласуваат банкарите.
Нефункционалните кредити се движат на исто ниво од претходните месеци околу 11,5 проценти за кои банкарите сметаат дека не се алармантни. Загрижува порастот на лошите кредити кај приватниот сектор каде што стапката изнесува 14,9 проценти. Кај населението оваа стапка изнесува 6,9 проценти . Според последните податоци, вкупните кредити на банките достигнуваат 3,6 милијарди евра.
Граѓаните биле поуредни во враќање на кредитите во однос на фирмите. Депозитната маса континуирано расте и се очекува тој тренд да продолжи со намалени камати. Податоците на НБРМ покажуваат дека само 10,6 милиони евра повеќе кредити одобриле банките за компаниите во првите девет месеци од годинава, што претставува раст на кредитирањето од само 0,5 проценти. Прогнозите се дека крајот на оваа година кредитниот раст ќе изнесува нешто повеќе од пет проценти, што е под првичните очекувања.
Најбарани се потрошувачките и станбените кредити
Најбарани се потрошувачките и станбените кредити. Банкарите од почетокот на годината одобриле 23 милиони евра станбени кредити што е за 12,4 проценти повеќе споредено со претходната година, покажуваат податоците на Народната банка. Побарувачката за станбените кредити особено пораснала во последните неколку месеци, откако повеќето банки направија своевидна акција на промовирање поповолни кредитни линии за купување станови. Интересно е и тоа што годинава се забележува и позначително намалување на каматните стапки на станбените кредити. Во јануари на пример, просечната камата на долгорочен кредит за домаќинство со валутна клаузула изнесувала 7,2 проценти , за во август да се спушти на 6,5 проценти. Банкарите прогнозираат дека со закрепнувањето на економијата од кризата и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, интересот за станбените кредити уште повеќе ќе се зголемува. И последната анкета на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) за кредитната активност на банките потврдува дека граѓаните во третиот квартал полесно добивале станбени и потрошувачки кредити, во однос на претходните три месеци. Повеќето банкари сметаат дека конкуренцијата на пазарот е „виновна“ што се олабавуваат условите за кредитирање на населението, а очекуваат и во иднина да има побарувачка за ваквите кредити. Од друга страна, пак, од Комерцијална банка велат дека дека во нивното портфолио во моментов доминираат кредитите наменети за правни лица, а граѓаните, пак, повторно најмногу ги бараат станбените и потрошувачките кредити.
– Кај компаниите постои поголем интерес за кредитите за поддршка на тековното работење, односно за финансирање на обртен капитал, а помалку за финансирање на инвестициони проекти, интерес за кредити на подолги рокови, како и за кредити од кредитните линии кои вообичаено имаат пониски каматни стапки. Во последните неколку години, особено атрактивна е кредитната линија од Европската инвестициона банка – објаснуваат од Комерцијална банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хакери украле 15 милиони долари од повеќе банки во Мексико
-
Иван влегол во банка да плати кредит, но ѝ го загорчил животот на службеничката
-
Се нудат на продажба: Банките им ги лапнаа хациендите и фирмите на познати македонски политичари и бизнисмени
-
Во оваа држава веќе нема да се плаќа со пари, само со картички