| четврток, 6 декември 2018 |

Арсенал созреа и не се „лизга“ повеќе против аутсајдерите

Победата на тешкото гостување во Кардиф е добра поткрепа за амбициите на Арсенал, а англиските медиуми пишуваат дека „детската градинка“ на Арсена Венгер созреа и ќе биде сериозен кандидат за титулата. Во Велс се игра тешко, гостувањата се незгодни, но Арсенал релативно лесно го совлада Кардиф со 3-0.

По 13 кола, „топчиите“ се лидери во Премиер-лигата со 31 бод, 4 повеќе од Челси, 6 од Манчестер сити и по 7 од дуото од ист град, Ливерпул и Евертон.

– Кардиф го победи Манчестер сити и го надигра Манчестер јунајтед иако освои само еден бод во тој дуел. Овојпат велшкиот тим беше надигран од Арсенал, што потврдува дека момците на Венгер созреаа. Не се лизгаат како порано против аутсајдерите и ќе бидат сериозни кандидати за титулата во Премиер-лигата. Рамзи игра фантастично добро и редовно дава голови, а екстра-засилување за Арсенал е Месут Озил. Тоа момче игра импресивно, потезите и асистенциите му се волшебни, а и одлично се вклопи во системот на Венгер. Многумина сѐ уште не веруваат дека Арсенал може да биде шампион, но стартот на сезоната ги демантира скептиците – стои во анализата на „Дејли мејл“.

ozil

Арсенал нема титула во Премиер-лигата од сезоната 2003/04 и цела деценија е заглавен на „баксузната“ тринаесетка по бројот на трофеи. Сезонава лондончани играат одлично, први стасаа до 10 победи во англиското првенство, а изненадувачки примија најмалку голови, само 10, од сите 20 состави во елитата. Одбраната постојано беше проблем за Венгер во последните неколку сезони и веројатно тоа беше главниот фактор за 9-годишниот пост без титула. Голем проблем за еден од најатрактивните состави во Европа во изминатите години беше и потфрлањето во дуелите против таканаречените аутсајдери.

Популарните „топчии“ се надеваат дека тоа е минато, дека нема да се „лизнат“ во дуелите со послабите од нив и дека се зрели за 14. титула во Англија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top