Во своето шестдецениско уметничко творење и живеење, Александар Сариевски испиша богати биографски страници оставајќи повеќе од четиристотини трајни звучни записи за музичката продукција на МРТВ и за други дискографски продукции, како што беше ПГП – РТБ, кои вечно ќе споменуваат за една неповторлива уметничка личност, која даде огромен придонес во негувањето и во афирмирањето на македонската фолклорна уметност кај нас и насекаде по белиот свет.
Извонредниот и неповторлив пејач и композитор, Александар Сариевски е роден во Галичник на 20 јуни 1922 година. Уште како мал имал голема желба да пее и да го разлева детскиот глас по галичките калдрми, кај Упија, сретсело и по падините на Бистра. Како дете ги слушал овчарските кавали, кои се мешале со звуците на клопотарците и со лаежот на чуварите шарпланинци. Го слушал завивањето на зурлите, татнежот на тапаните и плачот на младите невести, кои си ги испраќале младите момчиња во туѓина. Кога имал десет години неговите родители се преселиле во Скопје. Александар со своите бечвиња (панталони) почнал да се шета по скопските калдрмисани сокаци. Пред себе си го поставил предизвикот како да се снајде во големиот град. Средното образование го завршил во Скопје. Тогаш почнал да свири хармоника. Во 1946 година во Македонското радио ја снимил песната „А бре невесто око калешо“, со што почнала неговата блескава и пребогата музичка кариера.
Сариевски е еден од основачите на ансамблот „Танец“ и постојано патуваше низ светот ширејќи ја приказната за оригиналниот македонски народен мелос. Тој беше човекот што ги премости океаните и на нашинците со децении им беше врска со родниот крај, а на далечните народи на еден убедлив начин им го презентираше богатството на нашата фолклорна ризница.
Во своите песни го опеа родниот Галичник, печалбарството, пееше за невозвратената љубов, а отпеа и многу хумористични песни. Една од нив е песната „Зајко кукурајко“, чијшто автор е таткото на Васка Илиева, Тодор Гајдаџијата. Сариевски е еден од најголемите амбасадори на нашата автентична македонска култура. На првата турнеја од Ниш до Сплит тргнал во далечната 1950 година и од тогаш постојано патувал низ светот, или како што и самиот рекол во една пригода: „Со песната проскитавме по светот“.
Со своите колеги од естрадата – Васка Илиева, Виолета Томовска, Анка Гиева, Никола Бадев, реализирал многу турнеи низ Европа и светот. Над петнаесет пати бил во САД и во Канада и десетина пати во Австралија. Насекаде со гордост ја пеел македонската песна и им раскажувал за неговата Македонија.
Низ годините наназад мнозина се обидувале да ја испеат легендарната песна „Зајди, јасно сонце“, но никој од нив не успеа да ја надмине интерпретацијата на Сариевски.
Доајенката на македонската изворна песна Виолета Томовска, која долго време се дружела со Сариевски, а особено на нивните заеднички турнеи со голема почит зборува за нејзиниот колега и другар.
– Tој беше врвен интерпретатор со неверојатна чистина во гласот, а неговото богато музичко наследство ќе остане за идните генерации. Како човек беше многу скромен и многу исполнителен во професијата – вели Томовска.
И хумористот и имитатор Ранко Рангелов, кој често бил во дружба со Сариевски, вели дека бил исклучителна личност. Тој особено ги нагласува пробите на „Танец“, чиишто изведби Сариевски сакал да ги доведе до перфекција. – На турнеите многу често ја водеше и својата сопруга. Беше семеен човек – заклучува Рангелов.
„Дојчине, бакни ме в чело“
Во 1950 година Сариевски патувал со „Танец“ на фестивал во Ланголен, Англија на првата интернационална турнеја на ансамблот за народни песни и ора. Таму првпат пред светската јавност е изиграно орото „Тешкото“ во чијашто изведба како тапанџија учествувал и неповторливиот Александар Сариевски. Тој често на пријателите им раскажувал за овој настан: „Сите имавме трема. Кога ги погледнав деветтемина играорци беа жолти како крпа, а јас се плашев да не ми испадне прачката од рака со која удирав по тапанот. Кога легендарниот ороводец Дојчин Матевски се качи на тапанот го погледнав и му реков: „Дојчине бакни ме в чело!“. Откако го направи тоа со насмевка се свртев накај играорците и тремата за миг исчезна. Нашиот настап беше проследен со овации од публиката, а жирито ни ја додели првата награда на фестивалот“.
Во неговиот професионален период тој ја имал и функцијата раководител на Оркестарот на народни инструменти на тогашната Радио-телевизија Скопје, тој бил и рецензент и продуцент на дискографската продукција на Радио-телевизија Белград до 1984 година. Но, Сариевски со својот уметнички профил и опус го вгнезди своето име во целата наша културна историја.
Тој беше пејач за кој народот со право вели дека се раѓа еднаш во 100 години. На сцената на еден посебен сликовит начин сакаше песната да ѝ ја долови на публиката. Знаел да жали со гората, како по сестра. Да се сеќава на лудите млади години што летаат како сиви галаби. Знаел да се шегува на сцената, особено во дуетите со Васка Илиева. На концертите често знаел да го земе и тапанот, а неретко и да заигра. Тие што добро го познавале велат дека бил човек со немирен дух, човек со голем пејачки елан, кој последните години од неговиот работен век ги поминал во самостојна уметничка дејност. Почина во Скопје на 19 декември 2002 година. Македонската музичка оставина е побогата со неговото безвременско дело. Неговите песни вечно ќе зрачат со својот сјај, а македонската култура и музичка сцена ќе му бидат трајно благодарни.
Најпознатите песни на Сариевски
– Зајди,зајди јасно сонце
– Учи ме мајко,карај ме
– Јано мори
– Дејгиди,луди млади години
– Абер дојде Донке
– Зајко кукурајко
– Седна баба да вечера
– Митро, Митро мори
– Кандисал Ајредин-паша
Извонредниот пејач, композиторот на песните за кои помладите мислат дека се народни, Сариевски ќе остане една од најголемите легенди на македонската изворна музика. Публиката ќе го памети по неповторливиот глас и по љубовта кон музиката.
Текст објавен во 5. број на неделникот Република (5 октомври 2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.