| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео) Јакимовски: Нема да бидеме ничии слуги

Претседателот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека ГРОМ ќе придонесува во оваа држава да се смируваат политичките тензии и да има дијалог на политичката сцена.

Јакимовски вели дека ГРОМ има политички конкуренти а не политички противници. На избори ќе одат самостојно и ќе се борат и против ВМРО-ДПМНЕ и против СДСМ.

Според него ГРОМ има силни адути во изборна единица број 1, во број 2, солидно стојат во број 3 и во број 4. Смета дека ГРОМ на овие избори ни случајно нема да биде под 60 илјади гласови и ќе земат меѓу 60 илјади и 80 илјади гласови.

„Кон големите партии сигурно нема да правиме приклонување или било каква коалиција, ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, предизборна коалиција, од помалите партии можна е некоја коалиција, засега тоа е Српската напредна странка, а интерес пројавува Алијансата за позитивни промени“, вели Јакимовски.

На претседателските избори нема да поддржат кандидат на некоја од коалициите, бидејќи немаат намера да слугуваат за туѓи интереси и за туѓи политички партии.
„Ние ќе имаме свој кандидат. Како политичка партија не гаиме илузии дека ќе победиме на избори, имајќи предвид дека имаме многу малку време, да имаме малку повеќе време ситуацијата ќе биде подруга. Ние се формиравме на 29 септември што значи дека ние имаме многу малку време за подготовка на партијата и затоа забрзано работиме на ширење на нејзината мрежа, за да може да се подготвиме за овие избори. Кога изборите би биле малку подоцна или кога би биле во 2015 година, ГРОМ би била топ спремна за избори и јас одговорно тврдам дека тогаш ќе имаме над 100 илјади гласови“, вели во интервјуто лидерот на ГРОМ.

Претседателскиот кандидат ќе го откријат после 15. јануари.

„Јас не сум човек кој се бави со политика и го користи популизмот за своја афирмација. Јас сум подготвен да соопштувам и работи кои можеби не се пријатни за увото на граѓаните, но во исто време се добри за државата и за општо добро на сите граѓани на Република Македонија. Тоа сум го правел и како градоначалник и кога сум бил на други битни државни функции. Она по што ние ќе се разликуваме е што ќе нудиме проекти, ќе нудиме решенија на проблемите како што тоа го правевме на овие избори во Карпош, а плукањето во далечина ќе го оставиме на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. И јас мислам дека секој кој се обидува да оди во насока на популизам, дека тоа е поле кое неприкосновено го владее ВМРО-ДПМНЕ, ќе направи грешка, ние таа грешка не сакаме да ја правиме“, изјави Јакимовски.

Посочува дека со Коце Трајановски никогаш не биле лути противници.

„СДСМ бара политички дијалог ама таму кадешто тие се во опозиција им смета како тоа го прави владата, и нормално за дијалог се потребни двајца. Ако во Општина Карпош, СДСМ на седници на комисии кадешто е најбитно да се разговара за одредени прашања и евентуално да се направат некои одлуки на седниците на Советот, тие молчат и ја менуваат, а потоа ќе повикаат камера, нив блиска, за да кажат негативно мислење и навреди за градоначалникот и не знам како потоа бараат да има политички дијалогОна што јас мислам е дека не е точно дека во Македонија постојат две вистини, вмровска и сдсмовска, треба сите да се потрудиме правата вистина да излезе на површина“, вели претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top