| четврток, 6 декември 2018 |

Шпански медиуми: Барселона се намачи со Вардар, Милиќ најдобар гостински голман што бранел во Блауграна

Барселона се намачи со Вардар за да ја забележи јубилејната 200. победа во Лигата на шампионите, известуваат шпанските медиуми. Каталонците на крајот славеа со големи 7 гола разлика, 30-23, но впечатокот беше поинаков на теренот.

„Кој не го гледал натпреварот ќе помисли дека ова беше уште една рутинска победа на Барселона. Да, навистина триумф од 7 гола разлика изгледа убедливо, но Вардар одигра многу подобро од тоа што го покажува крајниот резултат. Мора да се истакне дека во Блауграна не сме виделе голман што брани со толку самодоверба како што тоа вчера го правеше Страхиња Милиќ. И тоа не беа обични одбрани, туку неверојатни потфати во дуели еден на еден со Гарсија, Нодесбо, Страновски. Го видовме и извонредниот Алекс Душебаев, кој заслужува повик во националниот тим на Шпанија. Без дилема тој е најкреативниот ракометар во составот на Вардар, незадржлив во игра еден на еден.“, стои во анализата на „АС“.

Милиќ нанижа неверојатни 19 одбрани, со над 50 проценти ефект, што е редок пример против ефикасната Барселона. Душебаев има шпански пасош и оттаму е апелот на шпанските новинари да биде вклучен во сениорскиот состав на актуелниот светски првак.

И останатите ракометари на Вардар одиграа добро, но падот се случи во период од три минути во последната третина од мечот. „Црвено-црните“ во 42 минута имаа егал резултат, 18-18, Барселона предводена од Кирил Лазаров направи серија од 4-0 и тука беше крај на надежите на македонскиот првак за новоп изненадување и повторување на скопските, 29-29 против Барса. Лазаров беше најефикасен на мечот со 7 гола, еден повеќе од Матјаж Брумен, најдобриот стрелец кај Вардар. Душебаев и Дибиров постигнаа по 5 гола за македонскиот првак, идентично како и Карабатиќ кај Барселона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top