| четврток, 6 декември 2018 |

Лустрациска: Досието на Ченто ќе доведе до национално помирување и лустрација на 22 инволвирани

cento1

Отворањето и евентуалната лустрација на сите вмешани во судењето на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, ќе доведе до национално помирување меѓу Македонците, гласи образложението на Комисијата за верификација на фактите.

Тие денеска решија да се отвори овој предмет и да се проверат 22 досиеја на сите вмешани во судскиот процес.

Лустраторите ќе ги проверуваат досиејата и на агентите на Управата за државна безбедност (УДБА), но и на видни партиски и државни функцинери.

– Ако го отворите Зборникот за Ченто издаден од Државниот архив на Македонија во 2002 година, има документи од целиот судски процес, но и за целата постапка на Врховниот суд кој одлучуваше и го рехабилитираше. Во тој Зборник ги има сите имиња на личностите кои биле вклучени во процесот против Ченто, но и нивната улога во градењето на ова судење. Целта на отворањето на овој случај е да се создаде култ на сеќавање и национално помирување помеѓу Македонците – изјави Предраг Димитровски, портпарол на Комисијата за верификација на фактите.

Членот на Комисијата, Чедомир Дамјановски, денеска рече дека со оваа одлука е нанесен голем срам што се направило од досието на Ченто, а уште повеќе што не се почитуваат одлуките на Уставниот суд, кој забрани лустрација на покојни функционери.

– Членовите на оваа Комисија, верувајте ми, се загубија во лустрацијата. Изумија што ѝ е задачата на оваа Комисија. Од само ним познати причини сега го отвораат досието на Ченто. И ако ги лустрираат сега веќе починатите, што ќе им направат? Ќе им ја одземат функцијата? Срамота – изјави Дамјановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top