| четврток, 6 декември 2018 |

В година пријавување на загубени документи во МВР и во ФЗОМ

vozacka dozvola

Македонските граѓани од почетокот на наредната година ќе можат загубените лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, пасоши и здравствени карички да ги објавуваат за неважечки во МВР, односно подрачните единици на ФЗОМ. За ова денеска информираше Тони Трајанов, директор на „Службен весник на Република Македонија“.

– На наша иницијатива една и пол година со МВР работиме на дополнителна можност за олеснување на објавата на загубени документи, односно на личната карта, пасошот, возачката и сообраќајната дозвола. Сакаме да го промениме целиот пат на објава на документите, така што граѓаните ќе можат да го пријават губењето на документот на шалтерите на МВР кое ги издава овие документи. Таму во истиот момент на граѓанинот ќе му биде дадено бројчето на изгубениот документ и ќе пополни документ за да може да се изврши објавата. Оттаму по електронски пат ќе го пратат до нас за да го објавиме во службеното гласило. Тоа е уште поголемо скратување на процедурата и олеснување за сите граѓани, особено за оние кои живеат надвор од Скопје – вели во интервју за МИА, Тони Трајанов.

Проектот треба да заврши најверојатно до крајот на годинава.

– Истата таа процедура ќе биде направена и со Фондот за здравствено осигурување бидејќи увидовме дека за многу краток период беа загубени голем број здравствени картички, од кои статистички најголем дел припаѓаат на постари лица, односно пензионери. За да ја скратиме процедурата и тие повозрасни лица да не се мачат и да доаѓаат на нашите шалтери, ќе можат тоа да го направат во подрачните единици на Фондот за здравство на целата територија на РМ, каде што ќе биде извршена објавата и доставена до „Службен весник“ – истакнува Трајанов.

 

Тој во интервјуто говори и за статистичките податоци за загубени лични документи.

– Статистичките податоци покажуваат дека најмногу се губат лични карти. Само од почетокот на годинава досега се изгубени 15.735 лични карти, односно се извршени толку објави во „Службен весник“. За истиот период се загубени 2.377 пасоши, 1.838 дипломи, околу 2.000 здравствени легитимации, 5.000 возачки дозволи и 3.028 сообраќајни. За само еден месец во октомври се загубени и објавени 509 картички со тенденција на зголемување на бројот. Податоците покажуваат дека како неважечки годишно се објавуваат околу 30 илјади возачки и сообраќајни дозволи, лични карти и пасоши – истакнува директорот на „Службен весник“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top