| четврток, 6 декември 2018 |

Канада дозволила шпионирање на Г-8 и на Г-20 во 2010 година

Канадските власти ѝ дозволиле на американската Национална безбедносна агенција (НСА) да шпионира за време на самитот на Г-8 и на Г-20 во Онтарио во јуни 2010 година, јави американската телевизија „Си-Би-Си“.

По увидот во документите на поранешниот американски разузнавач, Едвард Сноуден, „Си-Би-Си“ синоќа јави дека НСА ја користела Амбасадата на САД во Отава како „командно место“ за шпионирање, кое траело речиси цела недела. Во документот не е наведено кој бил цел на шпионирањето, но се истакнува дека плановите биле „внимателно координирани со канадскиот партнер“.

Портпаролот на канадскиот премиер, Џејсон Мекдоналд, синоќа реагираше на соопштението на „Си-Би-Си“ наведувајќи дека не ги коментира операциите поврзани за националната безбедност, а портпаролката на канадскиот еквивалент за американската НСА, ЦСЕС, Лори Саливан, изјави дека службата не може да ги коментира операциите на канадската држава или нејзините сојузници.

– Според законот, ЦСЕС не ги шпионира Канаѓаните во Канада преку операции на странски разузнавачки служби – истакна Саливан.

Канадската група за граѓански права „Опенмедија“ соопшти дека е очигледно дека шпионирањето имало цел да се даде поддршка на американската политика за време на спорниот самит.

– Ова сигурно ќе нанесе голема штета на односите на Канада со партнерите од Г-20 – се нагласува во соопштението на „Опенмедија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top