| четврток, 6 декември 2018 |

Прашањето за Македонија ќе се разгледува в година

Robert Walter

Роберт Валтер, британски парламентарец и претседател на Европската асоцијација за безбедност и за одбрана ЕСДА, за „Дојче веле“ вели дека пристапните преговори со Македонија, најверојтно, ќе бидат на дневен ред в година, по изборите за европските институции.

– Знам дека Европската комисија кажа многу јасно дека преговорите со Македонија треба да почнат колку што е можно поскоро. Меѓутоа, за жал, јас не можам да бидам толку голем оптимист, зашто се плашам дека отворањето на пристапните преговори ќе биде повторно поместено по пролетните мајски избори за европските институции. Но, оптимист сум, во смисла дека Македонија ќе стане членка на двете организации, НАТО и ЕУ, кога ова, според мене техничко прашање за името, ќе биде надминато. Зашто за македонските граѓани е исклучително важно да бидат дел од ЕУ и од НАТО – вели Валтер за ДВ.

Според него, европската безбедносна и одбранбена политика ќе биде меѓу главните приоритети на декемврискиот самит на Европскиот совет.

– Десет години по усвојувањето на Европската безбедносна стратегија, која остана неостварена зашто нема јасно дефинирани цели, ниту статегиско планирање, за неа ќе расправаат шефовите на држави и на влади. Дали поради ова прашање, кое за ЕУ е особено ургентно во услови на финансиската криза и преориентацијата на американските приоритети од Европа кон Пацификот, ќе има простор да се разговара и за почетокот на пристапните преговори со Македонија – е сè уште целосно неизвесно. Но, извесно и сигурно е дека Македонија има голема улога во операциите на НАТО во Авганистан и оваа улога ќе биде уште поголема кога Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, а со време верувам дека земјата ќе ја видиме и во Европската унија – вели тој.

Британскиот парламентарец смета дека прашањето за името не смее да го спречува членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.

– Јас многу јасно ја кажав мојата позиција. Не е до мене да решам кое е вистинското име за Македонија. Мојата Влада ја признава вашата земја како Република Македонија. Но, сметам дека ова прашање не треба да го спречи членството на Македонија во НАТО, ниту во Европската унија – истакнува Валтер.

Валтер е член на Парламентот на Обединетото Кралство, претседател на ЕСДА (Европска асоцијација за безбедност и одбрана), вицепретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и претседавач на Берлинската конференција за безбедност и одбрана, на која два дена (26 и 27 ноември) се расправаше за задачите во Авганистан по 2014 и улогата на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top