Македонија и понуди на Кина повеќе конкретни проекти за искористување на дел од 10 милијарди долари што кинеската Влада најави дека ќе ги вложи во земјите од Централна и Источна Европа.
Проектите се од сферата на градежништвото и производството на цемент, енергетиката и хидро потенцијалите, патната и железничката инфраструктура и земјоделството, за што има интерес и од кинеска страна. На средбата што вечерва се одржа во главниот град на Романија, мегу премиерите на Македонија и Народна Република Кина потврдени се пријателските односи мегу двете држави кои во последниот период се интензивирани за што потврда е фактот дека ова е втора средба на премиерско ниво за само неколку месеци.
Премиерот Груевски презентирајќи ги поволностите за инвестирање во Македонија, покрај најниски трошоци за водење бизнис, најниски даноци во Европа и поволниот даночен пакет за компаниите, како дополнителна предност, Груевски и истакна и поволностите во Технолошко-индустриските развојни зони како што се ослободувањето од данок на добивка и данок на доход во првите 10 години, ослободувањето од административните такси и давањето на земјиштето за изградба на фабрика под закуп под поволни услови.
За време на средбата беше упатена и покана до кинескиот премиер за посета на Република Македонија.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг истакна дека неговата држава е активен поддржувач на Македонија и изрази надеж за дополнително искористување на потенцијалите за економска соработка.
Македонија е првата држава која ќе искористи дел од 10 милијарди долари од кинеската Влада, 580 милиони евра за изградба на двете нови автопатски делници Миладиновци-Штип и Кичево – Охрид, за што се потпишани договорите, а почетокот на градежните работи се очекува во почетокот на идната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


