| четврток, 6 декември 2018 |

„Стивен Џерард требаше да прикаже многу повеќе“, ова е една од СМС пораките на фудбалската мафија

Стивен Џерард требаше да прикаже многу повеќе. Ова е една од СМС пораките со кои на неверојатно дрзок начин комуницирала фудбалската мафија при местењето на натпреварите ширум Европа.

Џерард не е вмешан, ниту Ливерпул, туку напротив тие си одиграле чесно за жал на местачите, кои загубиле доста пари во обидот да го лажираат натпреварот од Лигата на шампионите меѓу „црвените“ од Енфилд Роуд и унгарски Дебрецин. Резултатот беше 1-0, а требало да има многу голови, барем според тврдењето на данскиот портал „Екстрабладет“. Линкот според порталот бил поранешниот црногорски репрезентативен голман Вукашин Полексиќ, но и дел од останатите фудбалери на Дебрецин.

Извесен Марио Ц. по мечот, чиј исход не бил по волја на местачите му ја пратил пораката на Полексиќ. Голманот беше под истрага и беше суспендиран на две сезони, од јуни 2010 година. Образложението беше дека премолчел и не пријавил обид за местење на фудбалски натпревар.

Еуропол денеска објави дека се местеле натпревари во 15 европски држави, а вкупно се сомнителни 380 дуели. Два од нив се играле во скапата Лига на шампионите, но не беше објавено за кои мечеви се работи.

„Екстрабладет“ објавува дека едниот е меѓу Ливерпул и Дебрецин, каде Англичаните не биле инволвирани и си одиграле чесно докрај, а обидот на дел од унгарските играчи не супеал. Вториот веројатно е судирот меѓу Фиорентина и Дебрецин, а се повторува истата приказна. Италијанскиот клуб немал поим дека треба да се мести резултатот, а Унгарците овојпат биле помудри па уште по првиот дел направиле се да има голеада. На полувремето беше 2-4 за „виолетовите“ од Фиренца, а крајниот резултат е 3-4.

Еуропол објави дека организатори на сите местенки се обложувалници од Азија, претежно од Сингапур, а се свртеле 16 милиони евра, од кои 8 се профит за фудбалската мафија. Се плаќале стотици илјади евра за да се подмитат играчи, судии, сопственици на клубови, посредници, а според лидерите на истрагата ова е огромен удар за европскиот фудбал.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top