Алчноста ги отру нашите души, знаењето не направи цинични, умот тешки и немилосрдни. Потребна ни е хуманост, без тоа светот ќе остане насилен и празен – вака актерот Никола Ристановски зборува за претставата „Изгубени Германци“, по текст на Дејан Дуковски задутре ќе биде премиерно изведена во Македонскиот народен театар (МНТ). Како режисер зад новата претстава се јавува Слободан Унковски, кој по осум години повторно се враќа на сцената на МНТ.
Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ, не го криеше задоволството што Унковски се враќа во овој театар. Вели возбуден сум, имам трема, иако јас не играм во оваа претстава.
-Човечки маани, фрустрации, алчност, љубов, хомосексуалност, нацизам, левичарство, смисла на живот,…, се само дел од базичните, болни прашања што ги третира претставата. Текстот е крајно специфичен, необичен, инспиративен, допира до хаосот и вознемиреноста на нашето општество. Нема да ги задоволи апетитите за евтини дневно-политички определби и насочувања зашто во суштина се однесува на судбината на обичниот човек. Претставата зборува за генералните состојби во македонското општество, не толку политички, колку етички. Цврсто е закопана во 1944 година, но идеите кои се обидува да ги артикулира се многу современи, актуелни – вели Унковски.
Подготовките за претставата траеле речиси пет месеци. Актерот Јордан Симонов во негов стил:
-Кога почнавме да се подготвуваме за претставата беше лето, се подготвуваа за одмори. Многумина од нас ги испративме семејствата сами на одмор кажувајќи им дека кога ќе се вратат ќе бидеме со нив. Се вратија, ама ние не бевме со нив. Сега заминаа на зимски одмор. Им рековме кога ќе се вратат ќе бидеме со нив. Мислам дека сега ќе бидеме со нив. Сериозната материја што ја понуди Дуковски ќе им овозможи на македонските актери да покажат што навистина знаат и умеат.
Дуковски идејата за текстот ја имал подолго време, најпрво ја гледал како сценарио за филм, а базира, рече, на вистинска приказна.
– Овој текст е многу поразличен од моите досегашни. Има поспецифична, отворена структура. Исклучително сум задоволен од реализацијата, сепак, ми е многу важно како ќе помине и искрено, имам трема. Мислам дека успеавме да допреме многу театарски возбудливи моментни – рече Дуковски.
Интересна е театарската екипа – Тони Михајловски, Никола Ристановски, Камка Тоциновска, Ѕвезда Ангеловска, Јовица Михајловски, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Сања Арсовска и Емил Рубен. Емил Рубен не сакаше да зборува многу – вели цела претстава молчам, а немам намера да ги откријам моите мисли додека зборувам. Задоволство од екипата со која работи искажа и Јовица Михајловски. Вели ќе му биде жал ваков тим да не се собере повторно.
-Во овој тим не работеа суети, туку професионалност – прокоментира тој.
Кореографијата е на Кренаре Невзати – Кери, Виктор Михајлов е потписник на сценографијата, а костимографијата и воопшто целиот дизајн е на Бојана Никитовиќ од Белград.
„Изгубени Германци“ е црна комедија во која главните ликови се комунист, нацист, хомосексуалец, уметник и стриптизерка, заглавени во рудник во Македонија во 1944 година. Истражуваат некоја тајна руда, а практично се сокриени од војната. Тука дискутираат за разни прашања. Текстот лани ја доби и наградата „Коле Чашуле“ на МНТ. Изгубени Германци“ е трета соработка на Слободан Унковски со Дејан Дуковски по „Буре Барут“ и „Другата страна“.
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.