| четврток, 6 декември 2018 |

Органограм: Смени и нова организациска поставеност во МВР

Бирото за јавна безбедност (БЈБ) доби неколку нови сектори со кои ќе раководат проверени и искусни кадри, а директорот Митко Чавков ќе добие шест нови помошници со кои многу поефикасно ќе го води Бирото. Измените во Бирото биле систематски планирани и анализирани, а единствената цел е поефикасното работење и подобра интерна поврзаност во секторите. Меѓу битните измени, покрај воведувањето на новата систематизација и сектори, е и назначувањето на неколку нови началници во Скопје, Струмица и во Тетово.

Анализите на капацитетите на Бирото, на сите ниво, траеше околу една и пол година. Анализите се вршеа регионално, локално и оперативно и покажаа дека се потребни интервенции за поефикасна работа. Морам да истакнам дека не станува збор за лошо работење или, пак, за влошена безбедносна состојба, туку за нова систематизација. Интервенциите се значителни на сите нивоа со единствена цел за подобро работење и посилни капацитети, вели директорот Чавков.

Според новата поставеност во БЈБ, сега ќе има сектори за криминалистичка полиција, за сообраќај, за полиција, за криминална анализа, за гранични работи, за заеднички работи и регистар за соработка со НАТО и безбедност на класифицирани информации кои ќе бидат раководени од проверени кадри на БЈБ, најчесто началници кои сега се унапредени во рангот на помошници директори.

Специјалните полициски единици се изведени како посебна организациона целина и ќе добијат нов раководител, досегашен командир на единицата ЕБР.
Исто така, нов началник ќе добие и скопската полиција, па на местото на досегашниот, Апостол Стојановски, ќе дојде началникот на Централните полициски сили (ЦПС), Горанчо Савовски.
Од МВР велат дека измените и систематизацијата во БЈБ е доста обемна и додаваат дека не се сомневаат во резултатите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top