| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија дел од понудата на повеќе чешки туристички агенции

Македонија како атрактивна туристичка атракција станува дел од редовната понуда на се повеќе чешки туристички агенции и тур-оператори, јави дописникот на МИА од Прага.

Покрај агенциите „Чедок“, „Познани“, „Алпинетур“ кои веќе неколку години на чешките туристи им овозможуваат да уживаат во убавините на македонските планини и трекинг туризмот кој подразбира луѓето да се хранат со она што го нуди природата каде што престојуваат, нашата земја стана дел од понудата и на реномираната „Фиро тур“ и на други тур-оператори.

Априлските и мајските тури за идната година со авионски превоз опфаќаат запознавање на македонскиот главен град Скопје преку организираните посети на средновековната тврдина Кале, Мустафа-пашината џамија, Камениот мост и спомен-куќата на Мајка Тереза.

Главен акцент во понудата на агенцијата се става на Проектот Скопје 2014 и 30 метри високиот споменик на Александар Велики.

За време на четиридневната тура се нуди и посета на Охрид, нарекувајќи го „Бисер на Балканот“ и разгледи на црквата Св. Богородица, римскиот театар, Самоиловата тврдина, Св. Климентовиот манастир на Плаошник и црквата на Св. Јован-Канео.

На чешките туристи им се нуди и посета на Преспанското езеро, националниот парк „Галичица“, како и прекрасен поглед на двете езера, Охридско и Преспанско од највисоката точка.

Покрај археолошкиот локалитет на праисториската населба Заливот на Коските, посетителите на турата на враќање кон скопскиот аеродром ќе имаат можност да уживаат и во прекрасниот поглед на Кањонот Матка, се вели во понудата.

За летните месеци, агенцијата „Мајер и Крокус“ ги нуди македонските национални паркови Маврово и Галичица и Охридското ,,море”.

– Опкружено со планини, прозрачна и чиста вода, оваа светска природна убавина го зема здивот на многу светски патници, се вели во понудата на агенцијата.

Чешките туристички оператори пред два месеца, во рамки на дводневната Прва седница на Мешовитиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република, имаа можност да се сретнат со македонскиот заменик-министер за економија Христијан Делев кој ги информираше за можностите кои ги има Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top