| четврток, 6 декември 2018 |

Пораз за Белгија од Колумбија, свирежи за Мурињо (видео)

Колумбија неочекувано лесно ја победи белгиската фудбалска репрезентација со 2-0 во пријателски натпревар во Брисел, со головите на Радамел Фалкао и на Виктор Ибарбо.

Победата селекцијата од Јужна Америка ја завери со погодоци во второто полувреме, а стартот на првиот дел го одбележи концертот од свирежи наменети за Жозе Мурињо. Тренерот на Челси допатува во Брисел и го следеше натпреварот, а публиката, по сѐ изгледа, не му го заборави лошиот однос кон нивниот миленик Кевин де Брујн.

Специјалниот неодамна го казни Де Брујн со преселба во вториот тим поради незалагање, па Белгијците сега му возвратија за тој гест на Мурињо.

На теренот Колумбијците беа подобри и заслужено славеа со 2-0. Фалкао умешно ја искористи одличната асистенција од својот соиграч во Монако, Џејмс Родригес, и во 51. минута донесе водство за Јужноамериканците. Само 15 минути подоцна соиграчот на Агим Ибраими од Калјари, Виктор Ибарбо, со силен удар ја закова топката во голот на Мињоле за победа од 2 гола разлика.

Белгија беше во група со Македонија во квалификациите за пласман на СП во Бразил и убедливо го освои првото место. Синоќа Колумбијците им презентираа дека, сепак, на мундијалот ги чекаат малку поинакви противници, многу посилни од  нас, Хрватска, Србија, Велс и Шкотска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top