| четврток, 6 декември 2018 |

Француските и холандските евроскептици заедно за Европарламентот

h_51101514Претседателката на францускиот екстремно десничарски Национален фронт, Марин ле Пен и лидерот на холандската екстремно десничарска Партија на слободата, Герт Вилдерс, склучија сојуз за европските избори што ќе се оддржат во мај следната година.
Двајцата лидери имаат желба да привлечат и други евроскептички движења со кои ќе формираат заедничка парламентарна група по изборите за Европскиот парламент.
Вилдерс ја нарече ЕУ „нацистичка држава“ и изјави дека сојузот со францускиот Национален фронт „е почеток на ослободувањето од тоа чудовиште, наречено Бриксел“.
Марин ле Пен дополни дека во моментов „старите европски нации“ се задолжени за се да бараат одобрение од Брисел и дека „треба да се воспостави територијален, буџетски и монетарен суверенитет“.
Самостојната парламентарна група во Европскиот парламент треба да брои минимум 25 европратеници, избрани во речиси една четвртина од земјите-членки. Групата има серија придобивки, за кои се плаќа од парламентарниот буџет: соработници, секретаријат, канцеларии, преведувачи, комуникациски буџет, како и право на давање изјави во пленарната сала, чие вкупно времетраење е пропорционално на големината на групата.
Во Европарламентот и во моментов има евроскептичка фракција од 32 члена, на чие чело е британскиот евроскептик Нејџел Фараж, но нејзиното политичко влијание е премало.
Францускиот Национален фронт и холандската Партија на слободата имаат слични гледишта за имиграцијата и потребата од протекционизам.
Лидерите на двете партии, меѓутоа, имаат сериозни разлики во погледите за некои прашања. Спорни теми се, на пример, истополовите бракови. Додкја Марин ле Пен е категорички против, Вилдерс гои користи малтретирањето на хомосексуалците од страна на муслиманите како аргумент во својата антиисламска риторика.
Марин ле Пен, освен тоа, е често поврзувана со антисемитизмот на нејзиниот татко – основачот на Националниот фронт, Жан-Мари ле Пен, додека Герт Вилдерс го поддржува Израел.
На прашањето како двајцата лидери ќе ги надминат разликите, Марин ле Пен одговори дека дури и во бракот не е задолжително сопружниците да се секогаш со исто мислење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top