Официјалниот став повторно не дојде од кабинетот на Самарас, туку по познатата линија на помал отпор наречена „Катимерини.“ Официјална Атина, свесна дека, поради браќата од Европа, не смее отворено да каже дека ги зацврстува позициите и ги отежнува преговорите, тврдиот став си го искажа преку проверените медиуми. А, на стариот континент сите знаат чиј е ставот, но си молчат. Европска класика… Во меѓувреме, Евангелос Венизелос многу се навреди од името поранешна отоманска провинција Грција? Ако, убав потег за да сфати, макар и на момент, како им е на Македонците секој божји ден.
Во Македонија, пак, познавачите на состојбите имаат различни ставови за резултатите од Њујорк. За универзитетскиот професор Тони Дескоски добра вест е што во игра останува априлскиот предлог. Професорот и поранешен амбасадор Ѕвонимир Јанкуловски вели дека со грчката ароганција станува дегутантно да се разговара за добри идеи. Според ексамбасадорот Ристо Никовски, пак, крајно време е да се бараат нови алтернативи, за него Нимиц и процесот веќе се истрошени.
Дескоски:
Изјавата на посредникот Нимиц по најновата рунда преговори во Њујорк минатата недела донесе една добра вест, а тоа е дека на маса сѐ уште е априлскиот предлог, кој е поддржан од САД и од ЕУ. Според информациите кои беа пуштени во јавноста (пред сѐ преку грчкиот дневен весник „Катимерини“), основата на тој предлог е прифаќање од наша страна на името „Горна Република Македонија“ за употреба во меѓународните односи, и тоа не за севкупните меѓународни односи (erga omnes), туку во ограничен обем (иако не е докрај јасно колкаво е тоа ограничување).Јасно е дека преку ставањето ваков предлог пред двете земји, САД и ЕУ се придвижија значително во наша полза, во однос на она што го имаа декларирано пред и по самитот на НАТО во Букурешт кога тие цврсто стоеја зад грчката понуда за име „Република Северна (или Горна) Македонија“ за севкупна меѓународна употреба. Таквиот чекор е директна последица на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за кршењето на Привремената спогодба. Република Македонија својата дипломатска активност треба да ја насочи кон центрите на глобална моќ и да се обиде своите позиции да ги усогласи со нивните, па дури потоа да се фокусира на грчките барања. Сѐ дури македонскиот став не се совпадне со тој на САД и на ЕУ, Грција ќе има простор за маневар преку подигање на нивото на сопствените „црвени линии“, како тактика за оневозможување на постигнувањето договор, што оди само на наша штета. Мора да ни биде кристално јасно, Република Македонија нема никакви шанси во директни преговори со Грција, без учество и поддршка од големите сили, а таа поддршка има свои граници.
Јанкуловски:
Конечно, ја видовме вистинзската слика на целиот процес на разговори или преговори за разликите за името на нашата држава што се водат под закрила на Обединетите нации. Целиот овој процес, кој трае веќе предолго, ја става на тест нашата издржливост, нашата толерантност и трпение за тоа до каде може да се оди со потценувањето и газењето на достоинството на една цела нација. Прашањето за името на нашата држава стана средство за уцена, средство на притисок и свесно креирана пречка во процесот на нашето евроинтегрирање. Во меѓународните односи велат дека државата добива човечка надличност: државата мрази, сака, државата има достоинство, државата е почитувана и слично. Кога политиката на една држава не ја следи волјата на народот и сама го погазува неговото достоинство, креира преседан врз основа на кој ве перцепираат останатите актери во меѓународниот систем. Барањата и „црвените линии“ што Грција ги испорача во Њујорк се резултат на самопогазеното достоинство од страна на една погубна политика на сопствената држава, правејќи нѐ сиве години заложник, и се израз на ароганцијата на другата држава дека може да продолжи да гази по нашето достоинство обидувајќи се преку промената на името на државата идентитетски да нѐ обезличи. Веќе станува дегутантно да расправате за „добри идеи“ за можното решение на прашањето за името кога имате „црвени линии“ на грчката страна што не се ништо друго од земи или остави, без желба за барање евентуален можен компромис. Ако воопшто некој може да сфати што е тоа компромис во поглед на барањето сами идентитетски да се обезличиме преку промена на името на државата.
Никовски:
Последната рунда преговори во Њујорк само потврдија дека процесот на медијација на Нимиц е дефинитивно потрошен и дека е (крајно) време да се бараат нови алтернативи. Блокирана, уценета и со ултиматум во Брисел (прво името, потоа членството), Македонија нема време за чекање. Ако веќе 20 години Нимиц и неговите претходници не направија ништо, а тој самиот пред еден месец рече дека сега ја разбрал Атина, кој може да гарантира дека нема да му требаат, нему или на наследникот, уште толку години за да понуди вистинско решение. Сосема е јасно дека мора да се менува нашата стратегија и да се преземе соодветна иницијатива за надминување на статус квото и за излегување од ќор-сокакот во кој сме доведени.
Како македонската страна да одговори на грчкото барање за име за севкупна употреба, менување на Уставот, придавка пред Македонија, а не пред Република? Како да се одговори на таков „непристоен предлог“ и кои би биле македонските „црвени линии“?
Јанкуловски:
Очигледно е дека на грчката страна не ѝ се брза со барање решение за спорот за името. Индолентен и потценувачки однос е сликата што ни е проектирана од последната средба во Њујорк. Само погледајте го последниот предлог од грчка страна – славјано–албанска Македонија за севкупна употреба. Нашата непопустливост, односно непопустливоста на премиерот Груевски за прашањето за името, е оценета како ароганција, а како да го наречете и крстите ваквиот небулозен предлог. Никако друго, освен поигрување и потценување на суверена, независна и демократска држава. На тој начин грчката страна јасно ни покажа што мисли за преговарачкиот процес во Њујорк и за сериозноста на сето она што се случува таму. За нас ова прашање е од висок национален интерес, за грчката страна прашање за потсмев. Нешто што не смееме веќе да го дозволиме. Мислам дека македонските „црвени линии“ се определени од мнозинството во Република Македонија, а владата не гледам дека постапува спротивно на нив. Волјата на македонскиот народ за неменување на името е најсилната „црвена линија“ што може да ја испорачаме во моментов во процесот на разговори за разликите за името на нашата држава. Затоа што секоја зрела нација има свои симболични пејзажи. Тие се дел од иконографијата на државноста како дел од заедничките сет идеи, спомени и чувства што нѐ врзуваат заедно на овој простор. Името, како симбол не само што не дефинира територијално, туку е еден од најважните изрази на нашиот национален идентитет, обезбедува историски континуитет и е средство за зачувување на културните традиции на македонскиот народ. Тоа е нашата „црвена линија“. И ниедна друга. Нашиот устав, нашето erga omnes.
Никовски:
Грчката „црвена линија“ и име за севкупна употреба се обични блефови за да се максимира нивната позиција. Кој нормален замислува дека можат да нѐ прекрстат и дома? И да нѐ окупираат, не дај боже, тоа нема да функционира подолгорочно. Максимумот што можат да го добијат е класична измама и јадица за нас – т.н. име за надвор. Демек, ќе нѐ ослободуваат од наметната референца, за што, нели, мораме да им бидеме благодарни а, за возврат, ќе се согласиме на самоубиство – да прифатиме име за меѓународна употреба. А, за што друго ни е името ако не за светот? Или, како и зошто токму ние да ја менуваме референцата која ни е наметната со сила и без наша согласност; која никогаш не сме ја употребиле; која нас не нѐ обврзува? А, ќе прифатиме име кое ќе мораме да го користиме секаде, за кратко време – вклучувајќи и дома. Тоа ќе значи дека самите ќе се прекрстиме, што неизбежно ќе води и до промена на Уставот. За светот ќе бидеме северна, средна, горна, полулева… Македонија, и ништо друго. Репрезентациите и дома ќе мора да играат под истото име…
Прашањето за името и неговата инволвираност во евроинтеграциите во континуитет продуцираат засилување на евроскептицизмот, па сѐ почесто може да слушнеме изјави од типот „преговорите да се прекинат“ или „по таа цена не ни треба ЕУ“. Можно ли е, конечно, да се случи паралелно одвивање на преговорите со ЕУ и со ООН, идеја која ја промовираа Филе, Ховит и други, или тоа, сепак, е само уште една утопија?
Дескоски:
Засилувањето на евроскептицизмот во Република Македонија и воопшто намалувањето на довербата во западните сојузници е еден од ефектите кои Грција несомнено сака да ги произведе со блокирањето на нашите евроатлантски интеграции. На раководството на нашата земја е да го увиди тоа и да го спречи, или барем да го минимизира. При тоа, моето мислење е дека опстанокот и одржливиот развој на Република Македонија води единствено преку членство во ЕУ и во НАТО, и тоа што е можно побрзо. Како ќе расте бројот на соседни држави кои се зачлениле во ЕУ пред нас, така ќе растат и условувањата кон нас за зачленување. Обратно, колку побрзо ќе се интегрираме во НАТО и во ЕУ, за разлика од соседите, толку повеќе простор ќе имаме за да инсистираме на решавање на отворените билатерални прашања под наши услови при нивниот прием во овие организации. Иницијативата за паралелно одвивање на преговорите за членство во ЕУ со оние за разликата за името е базирана на една претпоставка: дека е нужно да се спречи Грција да поставува „црвени линии“ во преговорите за разликата за името кои се неразумни според сфаќањата на нашите западни сојузници. Мерката за тоа што е „разумно“ се манифестира преку предлозите кои ги формулира посредникот Нимиц. Затоа, за да може да профункционира оваа идеја, услов е нашата земја да се усогласи со САД и со ЕУ. Дури тогаш ќе биде можно да ни се подотвори вратата за пристапни преговори со ЕУ, како форма на притисок кон Грција за и таа да се придвижи кон компромис. Практично, големите играчи си обезбедуваат лостови за контрола на двете страни во спорот, па во зависност од тоа која од нив ќе застрани, се активира соодветниот лост за принуда.
Никовски:
Ниското ниво на евроскептицизам во земјата е најнов доказ за неизмерната (ако дозволите – и глупава!) трпеливост на Македонецот. После сѐ што на нелегален, крајно непринципиелен, некоректен и, ако сакате, безобразен начин ни го прават Вашингтон и Брисел веќе повеќе од 20 години, тоа ја демонстрира безграничната (и крајно неразбирлива) наша толеранција. Медијацијата не смееме да ја прекинуваме бидејќи со тоа непотребно ќе се изложиме на оправдани критики. Меѓутоа, што поскоро треба да се обратиме до генералниот секретар на ООН, да го известиме дека медијацијата не успеа и нема никакви изгледи да донесе решение. Да побараме предметот да се врати на Советот за безбедност со инсистирање да се изврши нова евалуација на проблемот бидејќи сите „аргументи“, на другата страна, од почетокот на 90-тите години излегоа лажни и измислени. Брисел е во крајно непријатна позиција. Со игнорирањето на хашката пресуда тие се ставија надвор од меѓународниот правен систем. Исто како и терористите. Затоа, не може да се исклучи одредување датум за преговори за членство со обврска за решавање на проблемот во рана фаза, иако и тоа многу тешко ќе помине.
Јанкуловски:
Сакам да верувам дека ирационален спор нема да продуцира ирационално однесување на Европската унија по петти пат. Ниту пак наше. Очигледен и провиден е обидот со небулозни предлози за името, што ги споменав погоре, да бидеме вовлечени во сценариото на нашиот јужен сосед, со кое сака да ја покаже пред светот и Европа нашата неконструктивност во преговарачкиот процес во Њујорк. Не сум од оние што изречно тврдат дека треба да ги прекинеме преговорите. Од оние сум што веруваат дека кон преговорите треба да пристапиме крајно рационално и трезвено, сега со веќе јасна позиција од другата страна, а притоа независно од должината на процесот да продолжиме на патот на реформите. Многупати сум споменувал дека целта на евроинтегративниот процес е европеизација на Македонија, а не по секоја цена членство во Европската унија. Особено не по цена на наше идентитетско обезличување. Не сакам мојот идентитет како Македонец, мојот јазик како македонски, мојата култура како македонска да биде објаснување негде во фуснота за обезимена држава. И по петтиот последователен позитивен извештај за Република Македонија, се прашувам до каде ќе оди креативноста на Унијата во обидите да ја оправда својата непринципиелност и својата немоќ да излезе од заложништво на еден ирационален спор наметнат од една нејзина членка. А, можеби овој пат нема да треба да биде креативна. Којзнае, можеби овој пат ќе ги следи принципите и вредностите на кои е положена и кои сите ги посакуваме во државава. Не гледам никаква пречка двата преговарачки процеса да се одвиваат паралелно. Тој во Њујорк и тој во Брисел. Сепак, она што го посакувам и она што реално се наметнува како пречка – името е предизвикот пред кој е исправена Европската унија. По петти пат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.