| четврток, 6 декември 2018 |

Според навивачите, Самсоненко е вистинскиот човек за европски ФК Вардар

Ние, зависниците од ФК Вардар, го повикуваме почитуваниот господин Сергеј Самсоненко да ги оствари нашите нескриени посакувања и да ја почне мисијата за европски Вардар! За нас Вардар е повеќе од клуб, тоа е начин на живот, прва љубов, наша религија и би ни причинувало големо задоволство најголемиот македонски спортски симбол да го врати некогашниот препознатлив сјај, а веруваме дека тоа е можно со преземање на клубот од страна на Самсоненко и неговите соработници.

Вака, со обраќање преку социјалната мрежа „Фејсбук“, дел од навивачите на фудбалскиот клуб Вардар упатија порака до рускиот бизнисмен дека сакаат да го видат на кормилото и на фудбалскиот погон во „црвено-црното“ семејство. Самсоненко за кратко време направи бум во двата ракометни клуба Вардар (мажи и жени), а симпатизерите на „црвено-црните“ посакуваат сличен развој на настаните и во фудбалскиот погон.

Формирана е група „Самсоненко за европски ФК Вардар“, што за неполни 15 часа привлече голем број симпатизери на актуелниот шампион.

Иницијативата не е без основа бидејќи извесно време течат преговори меѓу Самсоненко и претставници на Град Скопје, за преземање и на фудбалскиот клуб од страна на спонзорот на РК и ЖРК Вардар. Моментно ФК Вардар е под капата на Собранието на Град Скопје, а според најавите се бара чаре како да се направи простор за доаѓање на Самсоненко во редовите на шампионот на Македонија во фудбал.

Според најоптимистичките варијанти, Русинот би ги финансирал сите клубови од семејството Вардар (ракомет, фудбал, кошарка и одбојка), а договорот треба да биде официјализиран на почетокот на 2014 година.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top